Голем број студенти сместени во скопските студентски домови се уште ги кријат своите вредни работи под перница или под ќебе, од страв да не им бидат украдени. Некои, пак, воопшто не ги ни носат од дома, од градовите од кои доаѓаат во Скопје, токму од страв да не им бидат украдени додека се излезени.
Иако е ситна по раст, Марија секој ден со себе го носи тешкиот ранец и пешачи со километри, од студентскиот дом на факултет, низ град, па повторно назад. Во ранецот се ставени сите повредни работи и лаптопот, кој и е неопходен за работа. Откако минатата година нејзината соба во студентскиот дом „Гоце Делчев“ беше обиена, таа вели дека не се чувствува безбедно во домот.
„Кога видов дека е обиено беше 15 часот и прво се обратив кај комшиите, за да ги прашам дали слушнале или виделе нешто. Но, никој од комшиите во трите соби кои се во непосредна близина не беше дома во тој период. Се симнав до кај чуварот, кој стои на рецепција, но тој не беше таму. Отидов до другиот блок, каде го најдов заедно со колегата. Кога прашав зошто не е на своето место и објаснив дека некој влегол и дека е скршена бравата, ми рече дека не може еден човек да знае напамет 350-400 станари по лице и дека е лесно некој да се измолкне. Ме прашаа дали ми фали нешто – објаснив дека лаптопот и сите документи си ги носам со себе, а други вредни нешта немам во собата. Ме прашаа дали сакам да викнам полиција, но ми рекоа дека ако ништо не ми недостасува дека е бесполезно да ја викнеме само заради записник. Мајсторот кој требаше да ја поправи бравата го чекав со недели. Никој ниту се потресе ниту му беше чудно што тоа се случило“, раскажува Марија.
Мобилни телефони, лаптоп компјутери, таблети или пари се најчестите работи кои се краделе во 2014 година од студентските домови во Скопје, информира Министерството за внатрешни работи. Сепак, од Министерството за внатрешни работи велат дека според неофицијални податоци од полициските станици под чија надлежност се студентските домови, ретко се пријавувале кражби во домовите.
Радио МОФ побара од МВР податоци за тоа колку кражби се извршени во 2014 година во студентските домови во Скопје. Но, оттаму добивме образложение дека во МВР не се водат податоци според објектите кои се предмет на кражби, односно, податоците се општи и се дел од извештајот за 2014 година објавен на сајтот на МВР. Па, според тоа, кражбите во студентските домови се дел од вкупните 6607 тешки кражби кои се случиле на територијата на Скопје во изминатава година.
За тоа какви мерки се преземаат во студентските домови за да се реши овој проблем, се обидовме уште пред една недела да добиеме информации и од Државниот студентски центар во Скопје. Но, оттаму го добивме веќе познатото објаснување – директорката е на состанок. Ни беше ветено дека преку мејл ќе ни одговорат на прашањата. До објавувањето на овој текст не добивме никаков одговор.
„Од страна на полициски службеници често се организираат средби по домовите во кои судентите се информираат за начините за пријавување на кривични дела“, велат од МВР.
Сепак, студентите воопшто не се запознаени за овие средби.
„Кај нас полиција доаѓа само кога има тепачки или кога некому ќе му украдат нешто. Досега не сум слушнала да има некакво предавање од нив“, вели студентка која седи во студентскиот дом „Стив Наумов“ веќе три години.
Една од причините поради кои студентите велат дека се чувствуваат несигурно се старите врати на собите во некои од студентските домови, кои без многу сила можат да бидат обиени. Други пак, велат дека двајца портири на една зграда не е гаранција за безбедност.
Иако во самите домски легитимации, кои служат како идентификација на студентот, се напишани одредбите со кои се дефинираат неговите права, должности и обврски, нема информации за тоа што би требало да направи во случај на кражба.
Поради тоа, голем дел од студентите прво се обраќат кај портирите на студентскиот дом. Сепак, студентите се тие кои на крај решаваат дали ќе се повика полиција, иако, како што велат за Радио МОФ, се случувало да бидат приморани и сами да одат до поблиските полициски станици за да ја пријават кражбата.
Емилија Петреска