Еден од најоригиналните македонски состави, „String Forces“ по пауза од четири години се враќа на сцената со новиот сингл „Причина-предумисла“, кој ќе и биде претставен на публиката утре (21 март), на денот на пролетната рамноденица, во клубот „Менада“ во Скопје. Песната е дел од новиот албум на бендот, кој е во изработка.
Покрај премиерното прикажување на видео-записот, на промоцијата ќе биде претставена и екипата што работеше на него, а тапанарот на групата, Лазар Дарковски ќе има свој диџејски настап „A Lazarus Taxon“ во посебно издание за оваа прилика.
„String Forces“ постојат речиси 18 години, во кои оставија силен печат на македонската алтернативна музичка сцена. Нивната музика ја карактеризира експериментирање со формата, како и користење на нетипични инструменти.