Стрип изложбата „Страшила“ на босанскиот автор Берин Тузлиќ вечерва ќе биде отворена во Кинотека на Македонија.
Изложбата беше презентирана во повеќе градови во Босна и Херцеговина, како и во Загреб, Единбург и Рим, а после Скопје ќе патува за Белград, Подгорица и Тирана.
Делата на Тузлиќ се прикажувани на многу меѓународни филмски фестивали низ целиот свет, во Франција, Јапонија, САД, Кина и низ целиот балкански регион.
Тузлиќ е креативен директор на маркетинг агенцијата „Виа медиа“ во Босна, и претседател на босанската бранша на АСИФА – Меѓународната асоцијација за анимирани филмови.
Стрипот „Страшила“ беше издаден во Босна и Херцеговина преку издавачката куќа „Пиксел Сарајево”, а оваа година и во Велика Британија од страна на „Комик Бру“, шкотска издавачка куќа во која главен уредник е македонскиот режисер Гоце Цветановски.