Струга пее „Т’га за запад“ додека на рамо носи свои проблеми

Од Охрид до Струга има дваесеттина минути возење. Патот е исшаран со дупки во асфалтот, додека околната вегетација некаде е „збогатена“ со градежен отпад. Ваму-таму се расфрлани и амбалажи, по некоја железарија или стара покуќнина. Камионче доаѓа, се истовара, си оди. Па така, десетици диви депонии се забележуваат се до влезот на Струга, каде градежната експанзија зема замав. Никнуваат згради – една по една, насекаде, во височина и должина. Сите тие ќе треба да се поврзат со водоводна и канализациска мрежа, за да примаат луѓе за трајна живечка, или туристи крај езерото под закрила на УНЕСКО.

Овие сегменти ги гледавме од прозор додека патувавме до Струга. Тоа се почетни белези на инфраструктура и урбанизам во движење. Тоа се манифестации на социо-културно „пркнување“ на градот распослан во Струшкото Поле.

Тоа се воедно и предизвици за сегашната и секоја идна локална власт.

„Ова е многу убаво место, но без контрола“, е констатација на човек со американски нагласок, со кој заедно патувавме во комбе, а подоцна случајно се сретнавме и на Женската плажа во Струга.

Секој дојде со свој план. Американецот веројатно ја посети Струга лефтерно, чисто туристички, а ние како медиум да прошетаме, се запознаеме со тековни состојби, па со помош на истражувања да добиеме поширока слика каде се движи градот и администрацијата.

Педесет денари чини билет на релација Охрид-Струга. Исто толку и со такси. Нон-стоп вртат коли во двата правци. Одат по работа во центарот, во руралните предели, или буквално до плажа на кафе. Во комбето се возевме десет луѓе сосе шоферот и ученик-основец. Никој не знаеше каде се наоѓа зградата на општината.

„Ќе си прашате таму во центарот, низ чаршијата“, одговараат луѓето.

Ни се погоди времето. Фативме убав ден, есенско сонце и раздвижени луѓе. Одма во очи паѓаат сувенири, бурек, донер, продавници, кинеска роба и масовно непочитување сообраќајни правила. Затоа, јавните површини се штитат од коли со столбчиња, што сега се множат меѓу пешачки зони и коловози.

Целиот автентичен сјај на Струга доаѓа кај чаршијата. Покрај старите репрезентативни градби, црквите и џамиите, спомен-обележјата, или шеталиштето долж Црн Дрим се до истекот од Охридското Езеро.

Токму шеталиште низ градот беше едно од првите проектни зафати за општинското раководство на чело со Рамис Мерко, човекот од ДУИ што го наследи Зијадин Села и пред една година седна на градоначалничката фотелја.

„Шеталиштето е убаво, средено. Цела Струга е убава. Миладинов напиша за ‘Т’га за југ’, но сега пееме ‘Т’га за запад’. Нашите деца одат, бегаат да живеат и работат во Германија, Швајцарија, во Америка. Кој како се снајде. Стануваме град на старци, старци работници. Ќе видиме како ќе се снајде новото општинско раководство, да ги натера младите да остануваат. Рамис Мерко е европски човек. Не знам само колку ќе успее сам да прави проекти, бидејќи Села немаше поддршка од Владата“, ни раскажува продавач што го затекнавме кај Мостот на поезијата.

За поддршката од централната власт зборува и Дашмир Насуфи, нашиот домаќин од општина Струга. Не’ прими во име на градоначалникот, како Шеф на неговиот кабинет. Тој тврди дека голем број општини се во долгови, па е нужна помош од Владата.

Соработката со централната власт за него „не е одлична, но е добра“.

„Зошто не е одлична? Бидејќи има задоцнување за работи што нас ни се важни и итни. Тоа е малку проблематично. Инаку, имаме добра комуникација со сите министерства, соработуваме, а градоначалникот по потреба е во контакт со премиерот. Со долговите се снаоѓаме“, нагласува Насуфи.

Општински вработувања низ бројки

Дашмир Насуфи

Шефот на кабинетот на Мерко тврди дека затекнале лошо внатрешно организирање. Само во општината има 170 и нешто вработени, вели тој, што „е доволно, но лошо се распоредени“.

„До ден денес се наоѓаме во ‘тесни улици и ќорсокаци’. Во некои одделенија работи по еден човек. Ако оди на одмор, нема кој да го замени. Затоа, веќе е спремен новиот план за вработувања, па во 2019 година се’ треба да е покриено“, вели Насуфи.

Најтешко е со проценувањето, со градежниот инспекторат, каде работи само еден човек, а потребни се барем тројца. Законот е дециден, нагласува тој, требаат луѓе со најмалку две години од тој степен на образование.

„Градот има странци, доаѓаат тука да инвестираат, а ние немаме шанси да ги контролираме сите наеднаш, бидејќи сме во ‘тесно’“, потенцира.

Најновото истражување на ЏЕФ Македонија, по барања за пристап на информации од јавен карактер, покажа дека вкупниот број на вработени во Општина Струга за 2017 година изнесува 197. За период од две години, од 2015-та, бројот е зголемен за 21 вработен. Меѓутоа, ако се разгледаат податоци за поединечни  години – во 2015 се направени нови 11, додека 2016, 2017 и во првите месеци на 2018 нема нови вработувања.

Во однос на привремените вработувања, пак, истражувачите на ЏЕФ забележале нивно зголемување по локалните избори во 2017-та кога на 16 им престанал ваквиот работен однос, а вработени се нови 22 со привремен ангажман. Во текот на 2017 се извршени и три постапки за унапредување на државните службеници. Едно од нив, според истражувањето, не било во согласност со Законот за административни службеници.

Насуфи тврди дека условите за вработувања не се диктирани од самата општина.

„Не може општината да одлучува како сака, по свои критериуми, туку има закон над нас – Агенцијата за вработување ни стои над глава. Мораме да постапуваме според неа“, вели Насуфи.

Културно наследство и „архитортура“

Прошетавме меѓу состаноци. Има што да се види, без разлика дали доаѓате првпат, или сте турист од сопствената земја. Некои места во некогашниот Енхалон („јагула“, старото име на градот) се како разгледници. Без фотошопирање и преувеличување, гледате автентичен историјат испомешан со локални традиционални манири, гостопримливост, модерни трендови и желба за додворување со странски туристи.

Од тоа се живее во Струга.

А ние немаме време се’ да видиме. Два часа да видиш се’ во Струга, е како да одиш во маркет и за две минути да купиш производи за да наполниш фрижидер. Друг пат ќе одиме до Спомен домот на Миладиновци, Природнонаучниот музеј, археолошки локалитети како „Устие на Дрим“, или објекти со врежани белези за Св. Климент и Наум.

Тркавме малку до плажа, малку меѓу луѓе. На чаршиски муабет. Скоро сите што ги сретнавме и прашавме: „Како животот во Струга?“, најпрво зборуваат за секојдневие, туристичката понуда, за заедништво. Помеѓу ќе рипне и некоја шегичка.

Потоа, муабетот преоѓа на „пари“, за на крај да заврши со „Европа, Америка и Запад“.

„Запад“ се манифестира и преку некое американско знаеменце наоколу заедно со македонското и албанското, или мотивче меѓу сувенирите и бандерите. Или на бирото кај градскиот татко, како сигнал за евро-атлантска политичка заложба на раководството.

Она што се приметува е дека Струга се гради. И тоа не само станови, туку и наградба и доградба на постојни куќи, разни објекти и фасади.

Урбанизмот токму беше еден од муабетите со Васко Јолевски. Претседателот на Здружението „Каприкорн“ активно и будно ги следи случувањата со животната средина и културните текови, па смета дека Струга се наоѓа во хаотична состојба со заштитата на старите градби.

Васко Јолевски

„Струга е непрепознатлива. Моментално е градена во еден модернистички стил, без план и концепт. На кој како ќе му текне – така си издигнува објект, без проблем. Оние објекти кои беа заштитени, односно старите објекти преку ноќ им се менуваше статусот во ‘незаштитени’. Некои можеби биле испуштени да се заштитат. Струшката чаршија е непрепознатлива, струшките чардаци ги нама, а беа автентични за ова подрачје“, нагласува Јолевски.

Од друга страна, општинарите тврдат дека како и секаде во Македонија, инфраструктурата и патиштата се главните приоритети и на Струга. Сметаат, постојат административни пречки од централните институции, кои го попречуваат правилниот развој на градот.

Затоа, меѓу другото, градот ќе добие „младешка свежина“. 80 студенти по архитектура периодов ќе работат во различни локации на семестрални задачи, за да донесат креативни иницијативи за струшкиот урбанизам и инфраструктура.

„Дојдовте од Скопје, видовте какви се патиштата. Работиме на тоа. Да не заборавиме дека и образованието игра голема улога. И тука постојат пречки. Пример во Лабуништа поднесовме барање за работни места, бидејќи речиси 13 наставници се без плата. До прошлата година, еден семестар беа покриени од општината. Знаете каква е економската ситуацијата, но не можеме да ги оставаме децата настрана“, ни вели претставникот од општината.

Езерското крајбрежје е испоредено со барови, шанкови и градби. Иако концесиите повлекоа критики во јавноста, аргумент на раководството е дека општините мора да имаат ресурси да опстојуваат. Ако нема плажи, вели Насуфи, нема да постојат.

„Се разликуваме од Охрид, бидејќи тој е ривиерата, бетонирана, а тука се претежно монтажни објекти. Сакаме да креваме економија и да го креваме туризмот, а од друга страна да не работиме? Плажите мора да работат. Ова е богатство што мора да го користиме“, смета општинарот.

И активистот Јолевски е да се материјализираат природните придобивки од Охридското Езеро, но не по секоја цена. За него, секој пат кога правиме добробит за наш интерес, треба да се стави акцент и на заштита на природните ресурси.

„По ова темпо по кое врши таа урбанизација на езерото, бргу ќе ги изгубиме придобивките на овој природен ресурс, ќе придонесеме до уништување на природниот свет, а со тоа ќе имаме и подалекусежни последици“, смета Јолевски, додавајќи дека многу е погрешно мислењето дека Струга е туристички центар „само за лето и сончање на плажа“, туку треба туристичко облагородување низ цела година.

Проаква“ со години се „дави“ во долгови

Не е тајна дека стружани со години се соочуваат со пропусти при водоснабдување. Се случувало насред сезона, за време на најголемите жештини, Струга да остане без вода за пиење. Тоа знаеше да трае со денови, недели. Беше укажувано и на диви приклучоци кои питката вода ја користат за вадење насади.

Долги години извештаите од полицијата укажуваа дека Меѓуопштинското претпријатие „Проаква“ има проблеми и со струшките директори – ја злоупотребувале положбата и правеле разни финансиски малверзации. Пред околу три години, во време на Села, беше назначен Аќиф Ајро, по кој имаше, и се’ уште е објавена потерница од Интерпол.

Локалните активисти и општинарите сега уверуваат дека притисокот со водата е нормализиран.

Од друга страна, Министерството за финансии денови ги објави најголемите државни должници, а МЈП „Проаква“ е второ на листата со 14 милиони евра. Владата усвои предлог законско решение и преку ребалансот на општините им стави на располагање три милијарди денари за заостанати долгови.

„Ако речеш дека продаваш вода и си во минус, тоа е срам за секој менаџер и директор. Но, ние сме презадоволни од новиот директор (Јетон Шакири н.з.), многу добро соработуваме. Додека сме тука, за седум месеци речиси се уплатени сите долгови кон вработените и функционираме нормално. Инфраструктурите се менуваат онаму каде што треба – пумпи, цевки, се’ е ставено и е исправно“, велат од општината, со додавка дека, засега, најголема главоболка од финансиски аспект е колекторскиот систем, па бараат да го превземе државата.

„Кога нема избори – нема пожар на депонијата“

Депонирањето на отпадот е еден од најгорливите проблеми во Струга. Чадот од струшката депонија долго време го загрозува животот на стружани. Мирисот преовладуваше и во политичките пресметки.

„Состојбата со депонијата оди во позитивна насока. Со тоа што, не се на повидок нови избори, бидејќи таа депонија, не знам од кои причини, пламнува во предизборен период“, нагласува активистот Јолевски.

Пожар во близината на Струга додека шетавме низ градот

Моментално на локацијата на депонијата се монтирани посебни контејнери за одложување. Тие потоа се носат во Дрисла, така тврдат општинарите. Но, јасно им е на локалните власти, и на граѓаните – тоа не е трајно решение.

„Според консултации со експерти, дојдовме до сознанија дека Струга не може да има самоодржлива депонија. Односно, центар за рециклирање и сл. Потреба е регионална, ако не и централна депонија од поголеми размери. Прашање е дали и Македонија може да има голема самоодржлива депонија? Но, пред се’, не значи дека не треба да бараме решение. Дури и да не е самоодржлива, треба да се издвојуваат средства од буџетот на РМ за депонирањето, кое генерира и многу други проблеми, кои, на крајот, ги плаќаат и граѓаните и ресорните министерства. Највеќе Министерството за здравство, поради наше лекување од последиците од депониите“, потенцира Јолевски.

Соработка меѓу општината и невладиниот сектор?

Организацијата ЏЕФ Македонија дава свои гледишта по последното истражување за општината. Во Струга, слично како и со други општии, добивале одговори за информации од јавен карактер, во законски рок.

„Меѓутоа, не наидовме на соработка во однос на закажувањето на интервјуа и фокус групи, иако не добивме официјално одбивање за соработка. По секое телефонско јавување добивавме уверувања дека ќе соработуваме и дека ќе не’ контактираат, меѓутоа тоа не се случи“, вели Тамара Петковска, член на истражувачкиот тим на ЏЕФ.

Според Петковска, кај општините изоставува практика за соработка со невладините организации. Таквата соработка се уште е на многу формално ниво. Се додека се работи за обврска која е законски предвидена, се почитува, но за се останато е тешко да се добие пристап.

„Исто така и во однос на транспарентноста на општините, се уште не се доволно отворени да разговараат за теми кои што се поконтроверзни. Потребно е да се зголеми транспарентноста на опшините и таа да не биде само реактивна, туку и проактивна. Исто така, потребно е зголемување на свеста кај локалните самоуправи дека граѓанските организации им се партнери во процесот на подобрување на животот на граѓаните“, препорачува Петковска од ЏЕФ.

Васко Јолевски од „Каприкорн“ се осврнува на животот на локалните активисти. Соработката со моменталното раководство ја карактеризира како „иста или слична како и претходно“.

За Јолевски, не дека нема притисоци, меѓутоа тие не доаѓаат чисто од власт или опозицијата, туку од политички моќници од разни раководства.

„Зависно како ќе гласноговорите, кој ќе е засегнат, излегуваат со разноразни притисоци, се формираат групи на социјални мрежи за наш линч, оцрнување итн. Но, тоа не не’ допира. Навикнавме. Единствено би апелирал до органите и институциите, задолжени за нападите, да постапуваат навремено по наши поднесоци. Имам за говор на омраза, за заканувачки содржини, поднесоци имам дури и во Агенцијата на заштита на лични податоци. Често се злоупотребуваат мои фотографии на Фејсбук за да прекинам да ја говорам вистината, која секогаш е во интерес на населението“, потенцира Јолевски.

Родова (не)еднаквост во Струга

Реактор – Истражување во акција објави „тазе“ податоци околу родовата еднаквост во оптините во Македонија. Вклучена е и Струга, каде на секои 10 вработени мажи има само шест вработени жени. Понатаму, во поглед на еднаквост во платите, иако општина Струга котира подобро од просекот, висината на просечната плата за жените и за мажите, е релативно ниска. Жените просечно земаат 16.718, а мажите 17.796 денари.

„Дополнително, во поглед на политичкото учество на локално ниво, разгледувано од 2005 година па навака, Струга како и мнозинството општини во Македонија, ниту еднаш немала градоначалничка на власт“, изјавуваат од Реактор.

Проценките за население од Државниот завод за статистика покажуваат дека Струга има 4.818 деца на возраст до шест години, но само една државна детска градинка со капацитет за 310 деца, во која во 2016-та биле згрижени 475 деца. Ова значи, градинката во Струга згрижува само 9,86% од децата на возраст до шест години.

„Исто така, во општината има 28.026 жени и девојки над 15 години, а само пет матични гинеколози, што значи дека во просек еден гинеколог треба да опслужува 5.605 жени и девојки. Останува неодговорено прашањето колку од овие гинеколози се во градот, а колку се во населените места на општината“, прашуваат од Реактор.

Организацијата препорачува општините да вложат напори за еднаква можност на сите граѓани, за да се вклучат во планирањето на политиките и во трошењето на општинскиот буџет.

—–

На крајот на посетата, пред да заминеме накај Скопје, пред автобуската станица го сретнавме Мите, локален човек во своите шеесетти. Кисело се смееше додека му нафрлувавме бројки од истражувања. Не’ испрати со кренати раменици, мавташе и збореше:

„Бројките се за туристите. Туристи доаѓаат, си одат, ние живееме тука“.

Бојан Шашевски

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Ништо друго не е важно? Случаи на корупција во вработувањето на јавните службеници во локалните самоуправи во Македонија“ поддржан од страна на Метаморфозис, Фондација за интернет и општество во рамките на проектот ACTION SEE. Мислењата и ставовите наведени во него се целосно на авторите и не ги одразуваат мислењата и ставовите на донаторот.