Струмичките актери од иницијативата „Култура или фис-култура“ велат дека нивната битка е добиена откако Уставниот суд претходно го поништи решението за избор на професорот по физичка култура Васил Бубев за директор на НУЦК „Антон Панов“, а министерството за култура назначи нов директор на институцијата.
„Осуммесечниот постојан отпор, на крајот вроди со плод. Добиена е една, по суштина, значајна битка. Оваа победа е доказ дека едно упорно, решено и истрајно јадро на уметници професионалци, може да победи и во нерамни, по моќ, битки. Супериорноста на тоа јадро е во неговиот заеднички ум желен за правичност. Водени од професионалноста и редот на нештата, го детектиравме натрапникот и со огромната поддршка од јавноста, од сите вас, не се скршивме и го симнавме срамот што ни’ беше нанесен. Образот е обелен. Вистината победи“, стои во Фејсбук објавата на иницијативата.
Но, оттаму велат дека иако една битка е добиена, остануваат уште неколку, додавајќи дека еден од приоритетите е конкретното решавање на наталожените проблеми во институцијата.
„Тоа богами е вистински тест за ново поставениот в.д. директор од страна на ресорното министерство. Јавно укажуваме на тоа дека од новиот в.д. директор ќе инсистираме на исполнување на нашите барања за кои укажуваме со години. Со тоа би се решиле одредени круцијални проблеми од професионална, техничка и безбедносна природа(!), без чие решавање во никој случај нема да може да дојде до започнување со работа на театарот и отворање на институцијата за сите уметници што имаат страст и желба за творење“, децидни се од иницијативата.
„Искрено се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и некој конечно ќе почне да ги спроведува работите, за кои, како искусни театарски дејци, се залагаме веќе и многу подолго време од осум месеци. Доколку се случи обратното, ние како Иницијатива ќе реагираме соодветно, како што го правиме тоа и досега“, додаваат тие.
„Култура или фис-култура“ претходно организираше бројни акции, протести во Скопје и Струмица, а добија поддршка и од нивните колегите ширум земјава.
Тие имаа и средби со министерката за култура Ирена Стефоска, Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, како и средба во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Исто така, тие поднесоа и претставка до Државната комисија за спречување корупција.