Ученичките од СОУ “Јане Сандански“: Марија Јанушева, Тијана Пецанова, Софче Веладинова и Славица Стојменова, под менторство на професорката Софија Тошева ја освоија големата “платинум“ награда, за најдобро изработена веб-страница на International CyberFair 2013 Explore & Unite, во организација на Global SchoolNet, под мото “Linking Youth Around the World“, а со поддршка на Белата куќа.
Учениците од струмичката гимназија во конкуренција од 194 средни училишта од светот се единствените учесници од Македонија на овој онлајн натпревар, а тие со својата изработка на веб-порталот “Македонија – земја на сонцето“, се натпреваруваа во категоријата “историски знаменитости“.
“Критериумите на натпреварот налагаа веб-страницата да биде оригинална, да не е копија на друга, да има доза на креативност, а да биде едукативна, другите ученици да можат да научат нешто од неа, да има постови во вид на квизови“ – вели професорката Тошева, додавајќи дека “најважно беше да биде исполнета темата за оваа година: “Истражувај и спој“, а нашите ученици избраа да пушуваат за Македонија и имаше многу што да се пишува“.
За ученичката Марија Јанушева, која е дел од тимот, интересен беше начинот на оценување, преку интернет. “Самите ученици од целиот свет ги оценуваа одредените проекти кои беа презентирани од меѓународната комисија и најдобрите 40о рангирани, во кој влезе и нашиот сајт, беа повторно разгледувани од комисијата и така нашиот проект се издвои од другите, освојувајќи го првото место“ – вели Јанушева, објаснувајќи ја постапката на натпреварувањето.
Тимот на СОУ “Јане Сандански“ од Струмица, кој го изработи првонаградениот веб портал, е поканет да учествува на Конференцијата во Илиноис, Чикаго од 18-ти до 21-ви јули.
Извор: Strumicanet.com