Струмичкиот и Турскиот театар гостуваат на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Две претстави од официјалната конкуренција, презентација на едукативни работилници, меѓународна конференција, разговори на тркалезни ќе бидат денеска дел од фестивалската програма на петтиот ден на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Во 10 часот ќе биде отворена детската зона „Чернодрински за деца“, поддржана од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“. Ќе учествуваат учениците од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп – Марија Јованоска, Иван Здравески, Ангела Чупетреска и Стефан Петрески. Нивен ментор е Мартин Наумоски, а низ работилниците ги водеше едукаторот Милош Б. Андоновски.

Еден час подоцна во фоајето на Центарот за култура ќе се одржи меѓународна конференција на тема „Македонскиот театар низ визурата на меѓународната јавност“ на која ќе учествуваат режисери, театарџии, гости на фестивалот.

Претставата „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, на театарот „Антон Панов“ од Струмица ќе гостува на сцената на Центарот за култура во 19 часот.

„Режисерот Бојан Трифуновски својот концепт го темели на развивање на идејата на главните наративни линии во драмите на Пирандело, истовремено создавајќи простор за вкрстување на фиктивното и реалното. Иако ансамблот на Струмичкиот театар на почеток влегува малку несмасно во прикажувањето, нивната игра создава претстава која ги поместува стандардните практики и си игра со луцидниот стилски израз на Пирандело и го коментира и својот и неговиот однос кон светот“, стои во образложението на уметничкиот директор Ана Стојаноска.

Во претставата играат: Стојан Велков-Трн, Коста Ангов, Ангелина Тренчова-Ангелова, Танкица Стојанова, Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Ванчо Василев и Игор Тодоров.

Во 22 часот на сцената на Центарот за културата „Марко Цепенков“ гостува Турскиот театар од Скопје со претставата „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу.

„Младите актери од ансамблот на театарот покажуваат како се игра кога предизвикот е во личниот однос кон текстот и контекстот во кој ја создаваат претставата. Исклучително моќна во приказот, оваа претстава одговара на концептот на придружната програма, активата, односно активноста во „ОФФ“. Не само како „надвор од“ туку и како одек на тековните општествени и политички состојби“, се наведува во најавата.

На четвртиот фестивалски ден беше организирана промоција на „Еуродрам“, посветена на драмски превод, со фокус на наградите за превод на оваа мрежа. Иван Додовски од „Еуродрам“, посочи дека драмскиот превод е многу важен и треба да им се даде можност на преведувачите да преведуваат драми, а потоа да се играат. „Еуродрам“ е европска мрежа за драма и театар, мрежа која обединува јазични комитети од 30 земји од Европа и има за цел да овозможи споделување на текстови пишувани од оригинално на еден од европските јазици.

„Годинава во избор од 19 драмски преводи од македонски преведувачи од различни јазици избравме три најдобри драмски преводи. Тоа се преводите на Марио Стојаноски на една малку позната драма на многу познат писател „Папагал“ од Данило Киш, од српски на македонски. Второрангиран беше преводот на Мирјана Илиева Јашар, превод на современиот текст „Гордеов Балкан“ од современиот косовски писател Јетон Незирај, кој беше поставен, а неговите текстови се играни на многу сцени. Треторангиран превод е на Сашо Огненовски за една драма објавена во Антологијата на новата српска драма , што тој ја приреди и преведе. Изборот беше Сашо да се награди за текстот на современата млада српска авторка Исидора Милосављевиќ „Ако се разбудиш или како да е тоа важно…“ Млада извонредна писателка, чиј текст е игран во Србија“, рече Додовски.

Македонскиот драмски фестивал „Војдан Чернодрински“ оваа година се одржува од 9 до 16 јуни во Прилеп под мотото „Враќање дома“. Повеќе информации за Фестивалот може да најдете на следниов ЛИНК.