„Струшки вечери на поезијата“ (СВП) како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и годинава, од 25 до 29 август во своето автентично издание на препознатливите локации, информираа денеска организаторите.
Свеченото отворање на фестивалот повторно ќе се одржи на вообичаената локација, платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ каде што ќе биде запален и фестивалскиот оган, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата. Претпладневната програма е предвидена да се одвива во конгресната сала на хотел „Дрим“, а вечерната на летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
„Годинешниот лауреат на СВП, истакнатиот јапонски поет Шунтаро Таникава поради својата поодмината возраст, 91 година и поради здравствени ризици нема да биде во можност физички да присутвува на фестивалот. Неговиот син, Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист, ќе го прими ‘Златниот венец’ во име на неговиот татко. Кенсаку Таникава во рамки на портретот на лауретот во ‘Св. Софија’ во Охрид, ќе има специјален музички настап инспириран од стиховите на Шунтаро Таникава. Специјален гостин на годинешното издание е лауреатот на СВП во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор“, се додава во најавата за настанот.
Програмата на фестивалот ќе ги задржи претпознатливите програмски содржини на фестивалот, а на главните поетски читања на фестивалот ќе учествуваат повеќе од 25 странски гости и домашни поети од постарата и помладата генерацијата.
„Во состав на програмата е предвидено меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на ‘Книжевно житие’, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите ‘Мостови на Струга’ и ‘Браќа Миладиновци’ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети“, најавуваат организаторите.
Дополнително, во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, каде СВП се дел од проектот од 2014 година.
Мотото на фестивалот е „Ритам на стихот, ритам на животот“ со кое се потенцира исконската врска помеѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската помеѓу поезијата и музиката, велат од СВП.
„Во рамки на програмата на фестивалот, ќе биде промовирана и Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката“, додаваат од СВП.
Програмата на фестивалот целосно ќе се пренесува во живо на официјалниот Јутјуб канал на СВП.