Двајца студенти на штипскиот универзитет „Гоце Делчев” фалсификувале оценки, потписи на професори, како и уверенија за да добијат виза за странска држава, пренесува ТВ ИРИС.
Раководството на УГД го открило случајот со фалсификуваните документи во соработка со странската амбасада.
Според надлежните од штипскиот универзитет, ова е прв ваков случај. Истрагата против двајцата студенти е во тек, но нивниот идентитет не се открива.
Дел од студентите, кои информацијата ја објавиле на социјалните мрежи, велат дека станува збор за еден студент на Медицинскиот и еден студент на Факултетот за природно-технички науки.
Двајцата студенти со фалсификуваните уверенија, потписи на професорите и оценките сакале да заминат во странство најверојатно преку програмите за студентска размена. Доколку истрагата на универзитетот покаже дека студентите го сториле фалисификатот, надлежните институции ќе поднесат и кривични пријави, објави локалната телевизија.
Согласно Кривичниот законик, фалсификувањето исправи се казнува со затвор од три месеци до пет години.