Студенти од Факултетот по архитектура, Електротехничкиот и Градежниот факултет во Скопје изработија проект со кој го редизајнираа просторот пред ноќниот клуб „Балет“. Преку онлајн кампања сега собираат средства за реализација на идејата.
Проектот насловен „Плоштад Балет“ го изработија студентите Ана Гушева, Андреј Георгиевски, Ангела Трајанова, Асра Хамзаи и Марко Мараш, под менторство на архитектката Ирена Милојеска. Тој е резултат на работилница организирана од Скопје Лаб.
„Преку ден плоштадот е приватно – јавен пред простор за луѓето што живеат таму и луѓето кои константо поминуваат низ него, а навечер тој простор се трансформира во збирно место за вечерните забави. Преку оваа интервенција се решава главниот недостаток, дека луѓето константо поминуваат низ овој простор а никој не се задржува во него. Сега просторот добива една друга димензија со која ќе го привлекува вниманието на луѓето“, стои во описот на проектот.
Сите собрани донации ќе бидат искористени за изработка на урбаната опрема. Граѓаните може да се вклучат така што ќе донираат 600 денари, за што ќе добијат подарок маица, ташна или чаша.