Група студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство организираат интерактивна работилница во соработка со психологот Ана Попризова на Google Meet платформата.
Таа ќе се одржи во недела (29 август) во 13 часот.
Работилницата е дел од нивниот проект „Импакт врз нас“, кој го развиле со цел да ја подигнат свеста за влијанието на менталното здравје помеѓу младите, но и кај луѓето во нивната околина со цел полесно справување со предизвиците кои ги носи оваа тема во денешното време.
Работилницата ќе ја води Ана Попризова, психолог со над 25 годишно работно искуство како професор по психологија и училишен психолог во Гимназија „Орце Николов“ во Скопје. Посебен интерес покажува за психологијата на адолесцентите и ги познава нивните особини, период на развој и предизвиците со кои се соочуваат во образовниот процес и пошироко.
Претседателка е на Активот на стручни служби на средните училишта на Град Скопје. Добро го познава образовниот систем и има искуство во работа и едукација на наставници, стручни соработници и родители. Во текот на својата работна кариера е посветена на унапредување на добросостојбата на младите луѓе и активно работи на дестигматизирање на темите како насилство во училиште, булинг, родово засновано насилство и сексуално образование во пошироката општествена заедница.
На работилницата ќе се опфатат едни од повеќе актуелните теми кои спаѓаат во подрачјето на менталното здравје, а за кои сметаме дека се и доста присутни во секојдневниот живот на младите.
„Доколку сте заинтересирани и сакате да научите нешто повеќе за анксиозноста и паничните напади, како да ги разликувате, како да се справите со нив или пак како да му помогнете на некој близок кој има искуство со нив, не двоумете се и пријавете се тука“, стои во повикот.
Ако имате некои прашања поврзани со проектот или работилницата може да не контактирате на impakt.vrz.nas@gmail.com
За повеќе информации можете да ја следите Инстаграм страницата на imapkt_vrz_nas