Студенти од ФМУ организираат хуманитарни концерти за помош на Исидора Димеска

Група на студенти од Факултетот за музички уметности решиле да организираат концерти со кои би се собрале пари за операција на малата Исидора Димеска од Прилеп.

На 22 јуни, четврток во 21:00 часот во амфитеатарот на Струмица и на 24 јуни, петок во 20:00 часот во концертната сала на Факултет за музичка уметност во Скопје, ќе се оддржат два хуманитарни концерти со наслов „Музика за Исидора“. Идејата за концертите ја добил Дамијан Каранфилов, студент на ФМУ.

„Забележувајќи го случајот за малата Исидора по интернет порталите, апелот за помош од страна на таткото на Исидора и потребата да се направи нешто не ме оставија мирен. Создавајќи ја приказната како да и се помогне, се обратив до колегите на Факултетот за музичка уметност дали се заинтересирани да  организираме хуманитарен концерт и да помогнеме најдобро како што ние знаеме и умееме, а тоа е преку јазикот на музиката“, вели Дамијан Каранфилов, студент на ФМУ.

На неговата иницијатива се приклучиле голем број негови колеги, а деновиве таа група на студенти, работат околу концертите, од правење плакати, флаери и програми, до разменување мислења за тоа како да направат поуспешен концерт, вели.

„Среќен сум што постои огромна желба и ентузијазам за да се помогне кај мене, како и кај моите колеги. Затоа ве покануваме сите вие кои сакате да помогнете  и да уживате во концертната вечер  да  дојдете заедно да  ја споделиме хуманоста“, повикува Каранфилов.

На концертите ќе настапат студенти од вокално-инструменталните оддели од Факултетот за музичка уметност, Скопје. На хуманитарниот концерт во Скопје ќе биде поставена кутија за донации, а на тој во Струмица ќе има карта по симболична цена од 100 денари и средствата собрани на концертите ќе бидат донирани за Исидора.

Инаку, Исидора има дијагноза АСД, ВСД и пулмонална хипертензија. Исидора треба да биде оперирана за две недели, за последиците од нејзината состојба да не бидат фатални.

На концертите ќе бидат изведувани дела од: К.Дебиси, М.Равел, Ј.С.Бах, Ф.Шопен, Ф.Лист, А.Пијацола. На концертот во Струмица ќе се приклучи и хорот на ОМУ “Боро Џони“, како и ученици од тоа училиште.

Концертите се потпомогнати од Факултетот за музичка уметност, Општина Струмица и Младинскиот совет на Oпштина Струмица.