Под мотото „#КакоДома“, македонските студенти во Љубљана, Словенија, ќе ја организираат првата „Македонска студентска вечер во Љубљана“, која ќе се одржи на 8 октомври на „Študentski kampus“ во Љубљана.
„Целите на настанот се поврзани со анимирање на студентите во Словенија и создавање на чувство на вклученост и припадност кон студентската заедница со цел да се подобри студентскиот живот и да се изградат долготрајни убави спомени испреплетени со нови познанства“, објаснуваат организаторите.
„Македонска студентска вечер во Љубљана“ ќе се одржи во клубот „Connect“, со почеток во 20 часот, а влезот ќе биде бесплатен. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со македонската забавна музика, традиционалната кујна и да ја разгледаат галеријата со слики од познати македонски знаменитости и личности. Дополнително, посетителите ќе можат да земат учество во интерактивни забавни активности.
„На овој настан нашата земја ќе се претстави со штандови со автентична македонска кујна и македонска забавна музика, кои би придонеле за ширење на македоската култура, јазик и традиција, како меѓу Македонците така и меѓу другите народи“, потенцираат организаторите.
Тие додаваат дека словенечките студенти исто така ќе имаат свој штанд каде ќе ја претстават својата држава и култура.