Здружението на студенти по медицина (ЗСМ) ги повика сите студенти од Медицинскиот факултет во Скопје, кои не се во можност да си ги купат книгите, скриптите и практикумите, да се пријават кај нив за да им се помогне за да си ги обезбедат.
Како што појаснува Марио Петрески, претседател на ЗСМ, идејата едногласно ја поддржале 70-тината членови на здружението, свесни дека набавката на овие материјали може да претставува сериозно финансиско оптоварување за студентите по медицина.
„Сметаме дека има студенти за кои е проблем да платат по 500, 600 или 700 денари за скриптите што имаат над 500 страници. Имаме 70-тина членови кои плаќаат членарина. Можеме да им ги позајмиме и нашите книги. Ако има повеќе пријави ќе повикаме и други студенти да донираат свои книги“, вели Петрески.
Тој појаснува дека иако има библиотека на Медицинскиот факултет, таму се чуваат 30-40 примероци од секој предмет, а во генерација има над 300 студенти. Затоа, вели, тешко се доаѓа до овие книги и потребна е поголема солидарност. Дел од книгите, додава, ако се купат, чинат и над 6000 денари.
Секој студент кој што сака да добие книги за новиот семестар, потребно е да испрати мејл на zsmskopje@gmail.com во кој што ќе ги наведе учебните помагала кои што му се потребни. Студентот ќе ги добие на изнајмување сите учебници и практикуми кои што ќе ги побара. Неговото име нема да биде спомнато на ниту едно јавно место и во ниту една комуникација помеѓу студентите, додаваат од ЗСМ.
Ј.Ј.