Речиси 4.000 лица досега преку онлајн петиција бараат покачени стипендии за сите студенти. Тие објаснуваат дека како за пример, новите апликанти кои ќе добијат стипендија од прва категорија, ќе добиваат по 6.050 денари месечно, додека студентите од истата категорија кои веќе користат стипендии ќе добиваат двојно пониска сума, односно 3.300 денари месечно.
„Министерството за образование и наука летово соопшти дека од оваа година студентите ќе добиваат покачени стипендии. Најавата беше пречекана со голема радост од сите студенти, но со објавувањето на конкурсот стана јасно дека покачените стипендии нема да важат за сите студенти, односно покачени стипендии ќе можат да добиваат само кандидатите кои за првпат аплицираат за државна стипендија. Студентите кои се веќе корисници на стипендија ќе продолжат да ги земаат старите (пониски) суми“, се објаснува во петицијата.
Во петицијата децидно се посочува дека тие не се согласуваат со ваквиот модел на покачени стипендии и дека на овој начин се врши дискриминација и поделба помеѓу студентите.
„Нејаснa e поентата да се најават покачени стипендии кои потоа ќе важат за помалку од една третина од сите студенти што ги користат. Нелогично и апсурдно е стипендија од иста категорија за еден студент да биде повисока, а за друг пониска. Несфатливи се околностите под кои стипендиите на студентите кои веќе ги користат се помали од оние на новите апликанти. Затоа, очекуван и оправдан е револтот кај оние студенти кои се изоставени од новините“, се додава во петицијата.
Дополнително тие посочуваат дека сите студенти имаат исти или слични потреби и трошоци и дека сите заслужуваат да добиваат еднаков третман. Оттука, од МОН бараат да се изнајде соодветно решение со кое, како што велат, ниту еден студент нема да биде оштетен и дискриминиран.
„Бараме покачените стипендии да важат за сите студенти, а не само за оние кои аплицираат за првпат. Очекуваме убави вести. Во спротивно, револтот кај студентите ќе продолжи да расте“, пишува во петицијата.