Група на студенти разви веб-апликација која овозможува интерактивно прикажување на биолошкиот статус на Охридското и Преспанското Езеро. Апликацијата е создадена да ги прикаже клучните еколошки параметри и податоци за двата езера низ годината кои произлегуваат од работата на Хидробиолошкиот завод Охрид, соопштија од здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД).
Преку веб-апликацијата граѓаните, научниците и љубителите на природата ќе можат во секое време да пристапат до податоци за загаденост, температурата на водата, нивото на кислород, состојбата на биолошките видови и други значајни фактори кои влијаат на екосистемите на езерата, посочија од ЛЕАД кои додаваат дека апликацијата претставува практичен начин за подобро разбирање на состојбата на овие природни богатства и ја нагласува важноста на нивната заштита.
„Горди сме што студентите покажаа како иновативни решенија можат да придонесат за зачувување на природната средина. Оваа веб-апликација ќе овозможи транспарентен пристап до податоците за езерата, што е значаен чекор кон нивна одржлива заштита,“ изјави Иван Јованов од ЛЕАД, кои се организацијата реализитор на проектот „Иновациските кампови“.
Директорката на Хидробиолошкиот институт, Орхидеја Тасевска, го истакна значењето на решението.
„Оваа апликација ќе ја приближи науката до јавноста и ќе овозможи сите заинтересирани страни да имаат пристап до најновите податоци за состојбата на езерата. Веруваме дека ова е одличен пример за тоа како младите можат да придонесат со своето знаење и креативност во заштитата на природата“, рече Тасевска.
Веб-апликацијата веќе е достапна за користење на hidrobioloski-zavod-ohrid.vercel.app.
Апликацијата била развиена во рамки на проектот „Иновациски кампови во соработка со Мрежата за искуствено учење“ е реализиран од Здружението LEAD во партнерство со УНИЦЕФ и со финансиска поддршка на Шведска.