Студентката В. Б. од Филозофскиот факултет оваа година за прв пат аплицирала и ја добила студентската стипендија, но нејзината исплата никогаш не пристигнала… Таа се споила со преостанатите стипендисти преку Фејсбук група кои исто така не ги добиле своите стипендии. При разговор со вработените од МОН, еден од стипендистите истакнал дека неговите документи се изгубени, па добил одговор од МОН дека тоа е причината за закаснетата исплата.
Таа вели дека се јавила во Министерството за образование и наука од каде што била известена дека и нејзините документи се изгубени и треба одново да ја донесе потребната документација.
“Однесов од почеток и информацијата која што ја добив беше дека во наредните две недели ќе се собираат договорите што недостасуваат, потоа ќе се носат кај министерот на потпис, па тек потоа ќе ги исплаќаат стипендиите. Но, како што можам да видам, самата моја објава во групата имаше ефект и сега напишале мејл на студентка дека наводно не се загубени договорите и дека до крајот на неделата ќе се исплатат сите стипендии“, вели студентката.
Од Министерството за образование и наука велат дека за оваа академска година се исплатени средствата за 7 месеци, додавајќи дека не е вистина дека се изгубени документациите за стипендија.
„Преостанатите 2 рати ќе бидат исплатени кон крајот на следниот месец или на почетокот на јули. Не е вистина дека на некој стипендист му се изгубени документите. Сите пристигнати документи се процесуирани, односно договорите се потпишани од министер и еден примерок од договорот е задржан во МОН, а еден доставен до секој стипендист“, велат од МОН откако Радио МОФ упати прашања до институцијата за оваа проблематика.
Оттаму велат дека секој стипендист кој смета дека има некаков проблем во однос на исплатата на средствата, слободно може да се обрати до службите на МОН и соодветно ќе му биде одговорено.
И.С.