Повеќе од еден месец во студентскиот дом „Гоце Делчев“ нема топла вода и продолжуваат проблемите со слабото греење, се пожалија студенти во редакцијата на Радио МОФ.
Иако лошите услови за живеење во овој студентски дом се подолго време познати во јавноста, најголем проблем за станарите во последниот период е ладната вода. Студентите со недели се принудени да се снаоѓаат кај роднини и пријатели за капење, бидејќи во најстудениот период од годината, немаат топла вода.
„Срам ми е првин како човечко суштество, а потоа како студент и граѓанин на оваа земја, дека во 21 век треба да доаѓаме во вашата редакција и да кажеме дека нема топла вода во студентскиот дом. Се обративме повеќепати кај надлежните и управителот и ова е веќе неиздржливо“, ни изјави еден студент кој сакаше да остане анонимен.
Студентите велат дека започнале и петиција, на која веќе се собрани повеќе од 150 потписи и со неа бараат од надлежните итно да се реши проблемот.
Го посетивме студентскиот дом „Гоце Делчев“ каде и дел од вработените ни потврдија дека има проблеми со топлата вода, но според нив, проблемот ќе биде решен до понеделник.
На огласните табли стојат листови во А4 формат на кои е напишано дека поради дефект на рециркулациона пумпа и бојлерите нема топла вода во одредени блокови.
Освен проблемите со топлата вода, студенти се жалат дека во блоковите А и Г, се уште не работи лифтот и мора да одат пешки, како и дека одредени соби во домот немаат греење.
Дел од студентите се сомневаат дека недостатокот на топла вода е настанат поради пропусти при градежните работи кои се во тек и реновирањето на блокот Б.
Радио МОФ стапи во контакт со Државниот студентски центар за да добие коментар за проблемите на студентите во овој студентски дом, но оттаму не информираа дека одговорното лице е на состанок и ќе ни се јават подоцна.
Испитната сесија на факултетите е во тек, а по празниците голем дел од студентите веќе се вратени во студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Кристина Озимец