Вчера, 9 јули, беше десеттиот ден откако студентите од организацијата „Став“ (Студентите против авторитарните власти) ја блокираат работата на Ректоратот на Универзитетот во Нови Сад, а надлежните и понатаму не одговараат на нивните апели да се обезбедат регуларни услови за одржување на избори за Студентски парламент на Филозофскиот факултет, пренесува Бета.
Тие спијат во зградата на Ректоратот одржувајќи протест под мотото „Една листа не е избор“, а граѓаните повремено им донесуваат храна.
Во изминатите денови студентите закачиле големи транспаренти на кои пишува „Дејан Мадич е СНС ректор“ (мислејќи на Српската напредна партија на Александар Вучиќ), „Мадиќ напреден лажго“, „Ивана Мачак спиеш ли мирно?“, кои се однесуваат на ректорот на новосадскиот Универзитет Дејан Мадиќ и претседателката на Студентскиот парламент на Филозофскиот факултет Ивана Мачак.
Мадиќ барал од обезбедувањето на Ректоратот да ги тргнат транспарентите, но студентите не им дозволиле, по што дошла и полиција која ги лигитимирала.
Блокадата на работата на Ректоратот започнала поради изборите за Студентскиот парламент на Филозофскиот факултет кои требало да се одржат на 1 јули, што, како што наведуваат од „Став“, не биле легитимни затоа што според Статутот на факултетот и правилниците тие можат да се организираат само во факултетската зграда, што не било случај.
View this post on Instagram
Студентите од организацијата претходно ги блокирале изборите два пати во факултетската зграда, а ова им е втора блокада во зградата на Ректоратот.
Исто така, тие поднеле дисциплински пријави против претседателката на Студентскиот парламент на Филозофскиот факултет Мачак и членот на изборната комисија Александар Гајиќ поради физичко насилство. Тврдат дека Мачак и’ удрила шлаканица на Мила Пајиќ, активистка во „Став“, на 21 мај во зградата на Филозофскиот факултет, додека Гајиќ физички ги напаѓал колегите додека траела блокадата на зградата.
Во меѓувреме, Движењето на слободните граѓани во Србија соопштило дека Мачак и Гајиќ се вработени во Општината на Војводина, а ова го потврдиле и новинари.
Мачак била и прва на листата на Руската партија на локалните избори во Нови Сад, но таа листа не го поминала изборниот праг.
Дополнително, како што пишува Бета, во средата (3 јули) доцна навечер, студентите од „Став“ биле нападнати од непознат маж, кој физички и вербално им се заканувал.