Вчера во Јавна соба се одржа целодневниот студентски настан „Станица: Студентска 4.0“ во организација на Младински образовен форум.
На настанот кој е еден од наjголемите настани за студенти се одржа саем на триесетина студентски организации и предавања на студентските организации Студентски Пленум, ПСИХЕСКО – прво македонско здружение на студенти по психологија, ЕМСА, Скопско астрономско друштво, Истражувачко друштво на студенти биолози, Македонско студентско етнолошко – антрополошко друштво, Македонско друштво на студенти физичари, како и на Дипл. Инж. по биологија Дафина Клековска.
Во две изложби беа прикажани фотографии од студентски протести и иницијативи, а беше поставена и инсталација преку која беа прикажани дел од јавните набавки на УКИМ во 2015 година. Се одржа и трибина за презентација на истражувањето за перцепцијата на младите во Скопје за дискриминацијата врз ЛГБТ популацијата во организација на Субверзивен фронт. На настанот беа одржани и две целодневни работилници на студентите за индустриски дизајн и медиумската работа.
„Станица: Студентска е настан кој се случува традиционално четврта година по ред. Заинтересираноста е се’ поголема од страна на организациите и студентите поради разноликата понуда на содржини и предавања кои не може да се сретнат во редовниот курикулум, како и изложби, саем на организации и јавни трибини за младите и образованието“, изјави Сања Божовиќ, програмски координатор во МОФ.
Кирил Пржо од Истражувачко друштво на студенти биолози рече дека ова е единствен настан од ваков карактер кој ни дава можност студентските организации да ја презентираат својата работа и активности.
„Многу ми се допаѓа можноста „Младите можат“ да учествуваат на настан кој на студентите во Македонија им нуди да се запознаат со здруженијата и своите потенцијали и знаења да ги претворат во акција за позитивни промени во заедницата“, рече Стефан Александар Јовановски.
„Овој настан е одлична можност за студентските организации да ги промовираат своите активности пред студентите за потенцијални идни членови, како и вмрежување и остварување соработка со други организации“, изјави Наум Локоски од Студенти за слобода – Македонија.
Според Елена Котевска, студентка и учесничка на настанот, Станица: Студентска е можност за студентите да пруисуствуваат на предавања од различни области и да се запознаат со многу организации и прошират нивните знаења.
Настанот беше посетен од стотина студенти кои се информираа за работата на студентските организации, споделуваа знаења со своите колеги, создаваа медиумски содржини и практично ги вежбаа своите теоретски знаења во различни области.
Настанот е во организација на МОФ, а поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.