Студентите од септември ќе добиваат пари на сметка за субвенциониран оброк – изгласани законските измени

По скратена постапка, пратениците вчера на 39. седница ги изгласаа измените и дополнувањето на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Со новите измени, Министерството за образование и наука ќе исплаќа средства на трансакциската сметка која студентот ја има пријавено во пријавата за стекнување на правото. Исплатата треба да се врши првиот работен ден во месецот во износ еднаков на бројот на субвенционирани оброци на кои студентот има право за тој месец.

Сепак, овие измени ќе важат само за студентската 2021-2022 година.

Исклучок од правото за субвенциониран студентски оброк ќе има во периодот од 1 јули до 14 септември во годината во која студентот се стекнал со правото на субвенционирање на студентски оброк, како и за време на државни, верски празници и неработни денови.

Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, една од авторите на законот, е разочарана што законот иако првично беше донесен минатата година во февруари, државата не изградила систем за да го имплементира, а сега се менува и неговата суштина.

„Јас бев против да се менува концептот на законот. Наместо популистичко решение, да обезбедиме суштински системски концепт“, вели таа за Радио МОФ.

Со ова законско решение, посочува Зајкова, студентите може да ги трошат средствата за било што бидејќи нема механизам за контрола. Уште позагрижувачко за неа е што нема гаранција дека откако ќе заврши одредбата ќе има и систем.

„Поразително е што година дена откако е донесен законот, ние не сме изнашле систем да го имплементираме“, забележа таа.

Со измените на Законот, се бриши членот што ги опфаќаат давателите на услуги кои првично преку јавен повик требаше да се пријават и со МОН да склучат договор за да нудат готвена храна. Ова според Зајкова значи дека повторно ќе се наметне потребата да се менува законот кога привремените измени ќе завршат да важат.

Исто така, според првичниот закон, студентите треба да плаќаат преку дигитална картичка или мобилен телефон. Но, со измените, овој дел е тргнат со објаснувањето дека „ова решение е неприменливо“.

Сепак, Зајкова не е против финансиска поддршка на студентите, но тоа да се реализира со друго законско решение.

Аргументот на пратениците од СДСМ, пак, беше потребата од брзо решение со кое максимално би била искористена мерката за да не пропаднат средствата додека трае ковид кризата, а потоа би се вратило првобитното решение.

Законот за субвенциониран студентски оброк стапува на сила од 15-ти септември годинава и со него се опфатени 40.000 студенти. За негова реализација оваа година се издвоени 3,3 милиони евра.

Е.П.