Слабиот квалитет во образованието е само еден проблем, кој во комбинација со нискиот животен стандард и тешкиот пат до работно место, сè почесто ги тера младите да размислуваат да заминат од Македонија, пишува Радио Слободна Европа.
Студентите од Студентски Пленум велат дека до неодамна постоеше проблемот што младите беа сметани за пасивни, додавајќи дека маршовите ги предизвикале сите студентите од Македонија да помислат на тоа дека вистинската моќ лежи кај нив, дека имаат што да му понудат на овој свет, право да кажат што им пречи и кои се работите што треба да бидат покренати за нивна корист.
„Денеска младите се соочуваат со посериозни проблеми кои не се секогаш поврзани само со факултетите, туку тргнуваме општо од самата култура, од ампутираниот дух којшто денеска го имаме во однос на тоа дека многу е потешко да бидеш студент и индивидуа, а притоа да не бидеш обележан поради своите ставови. Студентот денес се соочува со најминорни проблеми, како немање бесплатен јавен превоз, до катастрофални и мизерни услови во студентските домови, навлегување во автономијата на универзитетите, немање стручни книги. Спектарот е голем, меѓутоа желбата кај самите студенти денеска докажува дека сакаат нешто да променат и имаат желба да бидат дел од самата промена“, сметаат студентите.
Активистите од Студентскиот пленум посочуваат дека студентските маршови и протестите се огромна работа, не само поради тоа што многу луѓе излегоа на улиците, туку, како што велат, и поради тоа што се роди огромна надеж кај младите дека може да направат промени во општеството.
Поминато е верувањето дека власта е преголема и дека не можеме ништо да промениме, а со последните случувања се докажува дека сме доволно сложни и силни и можеме да се избориме за нашите права, велат младите.
Целиот текст прочитајте го на следниот линк.
Извор: РСЕ