Под слоганот „Пријателски писма, наместо пријателски разговори“, студентите кои ги блокираат факултетите на Универзитетот во Нови Сад вчера протестираа пред седиштето на Безбедносно-информативната агенција (БИА) во градот, јавува Радио Слободна Европа.
„БИА повеќе не мора да им доаѓа на студентите и родителите на куќниот праг, бидејќи ние доаѓаме на нивниот“, рекоа студентите.
Студентите тврдат дека во изминатите недели тие и нивните родители биле под различни притисоци од БИА, во обид да ги заплашат и да ги натераат да се откажат од блокадите и протестите. За да покажат како треба да изгледаат пријателските разговори, пред влезот во зградата на БИА, студентите поставија маса и послужија кафе, чај и слатко.
Тие прочитаа писмо во кое припадниците на БИА се повикуваат одговорно да ја вршат својата работа.
„Знаеме дека имате значајна работа која ја работите. Да се надеваме во корист на државата, а не во корист на властодршците кои само ја спроведуваат сопствената волја и волјата на луѓето блиски до нив“, се наведува во писмото.
Протестот помина без инциденти, а студентите оставија пораки, цвеќиња и шолји кафе пред седиштето на БИА пред да се вратат на блокадите на матичните факултети.
Во Србија блокирани се повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.
Студентите во блокада бараат објавување на целосната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, по падот на настрешницата. Меѓу барањата е и отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените на протестите, каде што се бара кривично гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад, како и итно гонење на лицата кои тепале студенти и професори за време на протестите.
Студентите во повеќе наврати укажуваа дека поради блокадите на факултетите и организирањето на протестите нивната безбедност е загрозена.
Претставници на власта тврдат дека се исполнети сите барања и ги повикуваат студентите да ги отворат факултетите. Академиците, пак, велат дека барањата се делумно исполнети и дека прекинот на работата на факултетите продолжува.