Студентите на Економскиот факултет при УКИМ за еден семестар плаќаат околу 80.000 денари, покажува новото истражување на Форумот за образовни промени

За просечните трошоци во текот на еден семестар, студентите на Економскиот факултет при УКИМ плаќаат по 81.335 денари или 1.317 евра, додека студентите на Филолошкиот факултет при УКИМ плаќаат по 72.618 денари или 1.176 евра. Студентите на Медицинскиот факултет во Тетово, пак, просечните трошоци за еден семестар ги коштаат 69.850 денари или 1.131 евра.

Овие податоци се дел од најновото истражување на Форумот за образовни промени, Студентска кошничка на студентите на Економскиот, Филолошкиот и Медицинскиот факултет“ чија главна цел е да се создаде јасна слика за трошоците на студентите, за во иднина институциите кои креираат финансиски политики да бидат повеќе свесни за младите.

Според истражувањето, студентите на Економскиот факултет со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 2.150 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар, изнесуваат:

За литература: 3.520 ден.

За потрошни материјали: 1.400 денари.

За превоз: 9.348 денари.

За домување: 26.400 ден.

За храна: 12.650 ден.

За рекреација: 14.202 ден.

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 81.335 денари (1.317 евра)
Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 162.670 денари (2.634 евра)
До завршување на додипломските студии: 650.680 денари (10.535 евра)

Студентите на Филолошкиот факултет при УКИМ со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 1.250 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар се како што следува:

За литература: 2.012 ден.

За потрошни материјали: 760 ден.

За превоз: 10.340 денари.

За домување: 21.875 ден.

За храна: 12.958 ден.

За рекреација: 11.758 ден.

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 72.618 денари (1.176 евра)
Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 145.236 денари (2.352 евра)
До завршување на додипломските студии: 580.944 денари (9.406 евра)

Студентите на Факултетот за медицински науки при Тетовскиот универзитет со самофинансирање плаќаат 12.321 денари за еден семестар и 750 денари за други трошоци (ИКСА и административни). Просечните трошоци за секој студент посебно за еден семестар се како што следува:

За литература: 6.579 денари.

За потрошни материјал: 2.476 ден.

За превоз: 6.541 ден.

За домување: 14.809 ден.

За храна: 15.589 ден.

За рекреација: 11.360 ден.

Просечни трошоци за секој студент посебно за еден семестар: 69.850 денари (1.131 евра)
Просечни трошоци за секој студент посебно за една академска година: 139.700 денари (2.262 евра)
До завршување на додипломските студии: 698.500 денари (11.309 евра)

Анализата на трошоците била направена преку интервјуа со студенти на Економскиот и Филолошкиот факултет при УКИМ и Медицинскиот факултет при Државниот универзитет во Тетово.

Во рамки на истражувањето била спроведена и онлајн анкета со вкупно 185 лица за општата перцепција на граѓаните во однос на цените за студентите.

Па така, 85,4 отсто од испитаниците посочиле дека цените на основните прехранбени продукти се скапи, а 80 отсто рекле дека цените не се прифатливи за студентите. 81,1 отсто од испитаниците кажале дека помошта на државните институции за студентите не е доволна, а 83,8% рекле дека сметаат оти студентите не можат да ги си дозволат месечните трошоци без да бидат вработени.

Како што информираат од Форумот за образовни промени, по ова истражување препорачуваат да има бесплатно јавно образование за сите студенти, да се дигитализираат административните услуги, да се зголеми износот на државните стипендии и да се прошири листата на факултети со највисоки стипендии, да се прошири листата на категории студенти кои добиваат државни стипендии, како и да се прошири листата на категории студенти кои се ослободени од учество.

 

Симона Паскоска