До студентите на Факултетот за бизнис економија (ФБЕ) пред неколку дена пристигнал мејл за уплаќање на зимска испитна сесија што треба да се одржува од 27 февруари до 31 март. Ова доаѓа во време кога од Министерството за образование и наука за Радио МОФ веќе информира дека е започната постапка за да се одземе правото на работа на овој Факултет, додека од Управата, пак, тврдат дека ФБЕ ги има исполнето основните услови за работа и е стартувана сесијата.
„Минатата недела нè повикаа на состанок каде се зборуваше за продолжување на работењето на Факултетот и дека на крајот на февруари ќе започне испитна сесија што ќе трае цел март. Се претстави и в.д директорот и една професорка која, како што ни кажаа, ќе води дел од предметите. По состанокот дополнително само ни стигнаа мејлови за уплаќање на испитите и ни кажаа дека со другите професори ќе имаме средба во следниот период“, изјави студент кој е познат на редакцијата и сакаше да остане анонимен.
Поголемиот дел од студентите веќе ги уплатиле испитите, додека има и такви кои се сомневаат во работењето на Факултетот под овие услови. Тие велат дека нема да уплатат сè додека не добијат официјален одговор од надлежното Министерство за дека Факултетот има законско право да продолжи со работа.
„Знаеме дека од МОН сакаат да го затворат Факултетот, а они нè тераат да плаќаме. Тоа е манипулација“, реагира студентот.
Од ресорното Министерство потврдуваат дека заедно со Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за квалитет на високото образование (АКВО) извршиле надзор на работата на Факултетот при што утврдиле неправилности.
„Во моментот кога е направен надзор над работата на посочената високообразовна установа, констатирано е дека не се исполнети законските услови за работа и поради тоа се започнати одредени постапки. Одлуките не можат да се менуваат врз основа на ветувања и уверувања кои им се даваат на тамошните студенти“, посочуваат од МОН.
За став се обративме и до Вулнет Вишко, член на Управниот одбор на Фондација „Ново образование за бизнис“ што е сопственик на ФБЕ. Тој потврдува дека некои законски услови за работа не биле исполнети, но, според него, тоа не значи дека ќе се одзема акредитацијата на факултетот.
Исто така, вели дека „не е во ред да се шират дезинформации и кои се контра продуктивни за јавниот интерес и интересот на студентите“, тврдејќи дека претходно им била нанесена штета на стартот на академската година, додека на почетокот на декември трагично ја изгубиле в.д. директорката Жанета Кировска со која биле во услови за реализација на наставната програма.
„Од страна на институциите на системот беа започнати одредени постапки што секако може да значат и насоки за нас како да ја надминеме ситуацијата во која може на се најде било која образовна институција. Имајќи го во предвид тоа, ние успеавме да ги исполниме во моментов основните услови за работа со што веќе испитната сесија е започната и во тек се консултации со предметните професори на кои им е доверена наставата“, вели Вишко, кој тврди дека управата е во комуникација со МОН, Просветниот инспекторат и сите надлежни институции.
Инаку, од октомври оваа година Факултетот за бизнис економија (ФБЕ) остана без вработен професорски кадар, кога студентите излегоа и на протести. Академската година воопшто не почна, а за отказните решенија и случувањата на факултетот реагираа и дел од професорите. Просветниот инспекторат уште тогаш потврди дека установата нема доволен број наставници избрани во наставни звања за реализација на програмата за академската 2022/2023, како и за донесување акти и материјали, согласно одлуки на Наставнички совет.
На почетокот на февруари, студентенти се’ уште беа во недоумници дали ќе продолжи наставата, бидејќи од една страна управата ветуваше испитна сесија, а МОН до Агенција за квалитет на образованието поднесе предлог-иницијатива за да се одземе правото за работа на ФБЕ.
Ангела Бошкоска