Студентите на Факултетот за технички науки (ФТН) во блокада вчеравечер соопштија дека на социјалните мрежи е објавена нова „потерница“, односно список со имињата на 12 нивни колеги, нивни фотографии и приватни податоци. Со реченицата „Инженерите нема да молчат“, тие порачаа дека тоа нема да ги заплаши. Исто така, вчера беше објавена слична „потерница“ со имиња на 11 студенти, пренесува Н1.
„Овие списоци, кои наликуваат на налози, содржат не само имиња, туку и приватни податоци и фотографии на студенти, што претставува сериозна закана за нивната безбедност и кршење на голем број закони. Покрај кршењето на уставните права, насилството и заплашувањето на студентите се кривични дела според одредбите на Кривичниот законик на Србија“, изјавија студентите во блокада.
Тие додаваат дека овој нов чин на таргетирање покажува континуитет на организирана кампања против студентите кои колективно и солидарно решиле да се спротивстават на неправдата.
„Студентите забележаа од каде доаѓаат спорните фотографии и кој ги направил. Од наши внатрешни извори имаме сознанија кој би можел да стои зад креирањето на вакви списоци и знаеме како овие лица се поврзани со Факултетот за технички науки. За да не дојдеме во ситуација јавно да изнесуваме вакви податоци, апелираме раководството, а пред се деканот на Факултетот (Борис Думниќ) да реагира на ваквите напади“, велат студентите.
Оттаму додаваат дека нема организатори на блокадата, туку блокадата е резултат на заедничка одлука на сите студенти, а етикетирањето на поединци како организатори претставува злонамерна манипулација со цел неосновано таргетирање и загрозување на безбедноста на студентите.
„Уште еднаш изостана реакцијата на раководството. И покрај претходните предупредувања, раководството на факултетот сè уште не презеде никакви мерки за осуда на ваквите активности, со што се продлабочува чувството на несигурност кај студентите“, велат студентите во блокадата.
Оттаму додаваат дека студентите во блокадата „можеби ја изгубиле и последната трошка доверба“ во раководството на факултетот и дека бараат да се закаже итна седница на Наставно-научниот совет, по што факултетот ќе излезе со легитимна изјава за заштита на студентите.
Тие побараа обвинителството веднаш да покрене истрага против одговорните за составувањето и ширењето на тие „налози“.
„Оваа блокада е израз на борбата за правда и интегритет. Студентите се единствени во нивната решеност да се борат против неправдата. Инженерите нема да молчат!“, порачаа студентите на блокадата на ФТН.