По три години неизвесност, Владата одлучи да се затвори Филмската академија во Охрид – ФИОФА. Министерството за образование и наука им предложи на овие студенти да го продолжат своето образование на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Од МОН минатата недела преку е-маил ги информирале студентите на мастер студии дека треба да дадат изјава дали се согласуваат да продолжат на ФДУ. Студентот Раде Гогоски е меѓу оние кои ја дале оваа изјава, без да знае колкава ќе биде цената за студиите. Отпосле дознал дека ќе го чинат 7870 евра.
„Сумава не е нормална. Јас се надевав на почеток да е 3000 евра, ама ова е многу. Јас веќе работам во таа фела, филмски работник сум. Оваа диплома ништо не ми значи освен некаков си статус во општеството. Така што, не планирам да продолжам ако остане оваа сума“, вели Гогоски.
На филмската академија во Охрид студираа и млади од странство, кои како што вели тој, сега ќе треба да плаќаат повисоки сметки за кирија, плус доаѓањето во државата.
„Можам сега да се запишам на ФДУ како студент одново на магистерски и да завршам четири пати. Јас сум студент на камера, а можам да завршам и режија, монтажа и сценарио, и да сум one man бенд. За истава сума што треба да ја платам само за да го завршам. Тоа кажува дали вреди или не“, смета Гогоски.
„Во Европа можеш да студираш со тие пари, на било кој европски филмски факултет“, вели Гогоски зачуден од сумата.
Гогоски смета дека е иронично што студентите сè уште не знаат по која програма ќе студираат.
„За транспорт пишува два пати по 500 евра. Ако ние одиме во Франција или Чешка на студиски патувања, во ред е транспортот да е толку пари. Но, за што би платил транспорт 1000 евра ако се е сместено во ФДУ во Скопје. Јас живеам во Скопје“, реагира Гогоски.
Изработката и одбраната на магистерскиот труд, пак, за студентите од поранешната филмска академија во Охрид ќе чини 1500 евра.
Од Факултетот за драмски уметности во одговор за Радио МОФ објаснуваат дека тие нудат два типа постдиппломските студии, во траење од една или две години, соодветно на бројот на кредити од претходно завршени додипломски студии. Цената за едногодишните постдипломски студии изнесува 2000 евра.
Сумата за студирање од речиси 8000 евра пак, посочуваат од факултетот, се однесува на студентите коишто на ФИОФА биле запишани во приватна квота, односно за коишто Министерството за образование и наука не ги покрива трошоците на студирање.
„Разликата во однос на цените на чинење на магистерските студии за студентите на ФИОФА произлегува од значајни промени во предвидената програма и начинот на нејзина реализација. Во однос на постоечките едногодишни студии на ФДУ, студиите за студентите на ФИОФА траат подолго – две години за предметна настава и 6-12 месеци за подготовка на магистерски труд. Наставата во основа ја следи тригодишната студиска програмата на ФИОФА – прилагодена е за студенти коишто првпат се среќаваат со филмската уметност, односно немаат знаења и искуство од претходно завршени филмски студии од прв циклус. Тоа подразбира дополнителен ангажман на наставен кадар за дополнителни предмети и за индивидуални консултации и вежби за секој студент, како и ангажирање дополнителни наставници вклучително и професор/и од странство. Предвидена е изработка на практични проекти (студентски филмови) за студентите, за кои е потребно одржување и амортизација на филмска техника, потрошни материјали, средства за опремување на проектите, логистичка поддршка, како и ангажирање дополнителни соработници поради ограничените кадровски ресурски на ФДУ. Неопходно е да се организираат и диференцијални испити односно процес на еквиваленција на положените предмети за секој студент одделно“, појаснуваат од ФДУ.
Покрај ова, од ФДУ велат дека цената на магистерските студии била усогласена со Министерството за образование и наука. Оттаму тврдат дека наведената цена е далеку пониска од онаа што ФИОФА ја нудела во периодот кога академијата била активна.
Но, информациите кои ги имаат Гогоски и неговите колеги е дека на ФИОФА немало приватна квота, туку дел од факултетот бил финансиран од средства на Европската Унија. Оттука, факултетот не смеел да прима средства во рок од 5 години, па студентите примале стипендии од МОН, вели тој.
„Проблемот настана кога ние бевме одбиени за стипендија во декември, наместо пред почетокот на учебната година во септември. Најголемиот дел од студентите запишани во прва година не добија стипендија при шро факултетот реши да ги продолжиме студиите без да плаќаме бидејќи таа можност не постоеше“, забележува тој.
Во однос на програмата за мастер студиите, пак, Гогоски вели дека учеле по истата програма по која се учи на ФАМУ во Прага.
Рокот за пријавување на студентите до МОН е 30 април. Согласно предвидената динамика, студиите се планирани да започнат во октомври, во академската 2021/22 година.
Институтот за филм – Филмска академија Охрид започна со работа во 2015 година. Тоа беше резултат на повеќегодишната соработка помеѓу македонските и чешките влади и ФАМУ – престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага. Наставниот кадар освен редовните, го сочинуваа и визитинг професори од ФАМУ.
Академијата беше во мирување три години, за што студентите беа револтирани бидејќи настанал застој на студиите. Преку отворени писма реагираа дека бруцошите немаат настава, а дипломците од првата генерација кои веќе ги одбраниле своите магистерски тези не можеа да добијат диплома.
Заменик-министерот за образование Петар Атанасов во тоа време тврдеше дека има низа нерегуларности во работата во ФИОФА кои биле причина за застојот и немањето настава – од немање на потребните титули на тогашната директорка за да ја врши функцијата, па до импровизиран начин на пререгистрирање на академијата во Институт.
Емилија Петреска