Студентите од приватните факултети во Скопје и оваа година ќе плаќаат за јавен превоз, откако градоначалничката Данела Арсовска одби да префрли средства на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје за овие студенти.
Ова за Радио МОФ го потврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) што во мај годинава утврди дека Град Скопје ги дискриминира сите студенти од приватните универзитети во главниот град со тоа што не им обезбедува бесплатен јавен превоз.
„Ние бевме обврзани и веќе поднесовме прекршочна пријава против градоначалничката на Град Скопје, која писмено нѐ извести дека таа не е министерство и дека нема да партиципира во бесплатниот превоз на студентите од приватните универзитети“, рече Весна Бендевска од КСЗД на отворената средба на Комисијата во Скопје во петокот.
Освен прекршочна пријава, КСЗД откако помина рокот на дадените препораки до институцијата и градоначалничката, во август најави и дека ќе поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес.
Бендевска информираше дека иако Комисијата располага со многу материјал за да побара судска заштита за оваа група студенти, во моментов нема доволно финансии за да поднесе тужба.
„Сѐ уште импровизираме со нашите премногу ограничени и човечки и финансиски ресурси“, рече претставничката на КСЗД. Таа посочи дека деновиве преку здружението на Млади правници обезбедиле средства за да поднесат тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука за необезбедување учебници.
Инаку, ова е осма година по ред како Град Скопје префрла средства на ЈСП за бесплатен превоз на редовни студенти од државните факултети. ЈСП минатата недела објави нов оглас за аплицирање за студентски билет за бруцоши примени само во државни високообразовни институции.
„Тврдењето на госпоѓата градоначалник го побива и Јавното сообраќајно претпријатие, но и одлуките дека буквално буџетски средства од Град Скопје се трансферираат во ЈСП со намена да се организира бесплатен превоз на студентите од државните факултети“, кажа Бендевска на средбата.
Радио МОФ во неколку наврати се обидува да добие одговори од Град Скопје на оваа тема, но безуспешно.
Во меѓувреме, студентите Мила Петрушевска, претседателка на студентското собрание на ФОН и нејзиниот колега од Американ Колеџ, Филип Трајковски ни изјавија дека по известувањето од КСЗД дека ќе поднесе тужба, не добиле никакви нови информации.
Ангела Бошкоска