Од Министерството за образование и наука не одговараат на прашањето дали некогаш ќе се обезбедат средства за студентите од приватните универзитети во Скопје да патуваат бесплатно со јавниот превоз како нивните колеги од државните факултети.
Кога пишувавме за оваа тема минатата година, од Град Скопје под чија капа е Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, ни кажаа дека МОН пред да ги префрли дотациите на Градот, треба да ги пренамени за користење за студентите од приватните високообразовни установи.
Оттогаш во неколку наврати испративме прашања до Министерството, но и по шест месеци одговори не добивме.
За ситуацијата гласна е претседателката на студентското собрание при Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Мила Петрушевска која исто така со месеци не добива одговори за тоа што ќе биде со студентите за кои измина уште една академска година без правото на бесплатен градски превоз.
„Јас во живо бев на средба со министерот и другите претставнички последен пат на 23 март. Кога ја отворив темата за превозот ми кажа дека само требало да се направи ребаланс на Буџетот, дека за тоа е одговорна Владата, а не МОН што не префрла дотации на Град Скопје. Тогаш на министерот му ‘заѕвони телефонот’ и стана. Останавме само тие претставничките и ние студентите по што јас занемев и остана на тоа“, раскажува Петрушевска.
Таа во меѓувреме, на 8 февруари годинава доставила формулар до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Како што вели, од Комисијата сè уште не се изјасниле со мислење за ситуацијата, иако според Законот за спречување и заштита од дискриминација, КСЗД е обврзана својот одговор да го приложи во рок од два месеца.
Радио МОФ по електронски пат испрати барање за информации од јавен карактер до Комисијата за нивната одлука, па оттаму чекаме одговор.
Писмено образложение досега добивме единствено од Владата од каде пак не одговорија дали и кога би се донела одлука за пренаменување на средствата, туку дека ако тоа некогаш се случи „јавноста ќе биде навремено информирана“.
„Доколку на владина седница се донесе таква одлука и се обезбедат средства и за студентите од приватните високообразовни установи, за организирање бесплатен превоз Министерството за образование и наука во понатамошна координација со ЈСП ќе го овозможи ова право, за што јавноста навремено ќе биде информирана“, се вели во дописот од Канцеларијата на портпаролот на Владата и се додава дека оваа Влада ќе продолжи да се заложува за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард.
Инаку, студентите за нивното барање се потпираат на Законот за високо образование, каде во член 150 стои дека студентот има право да користи градски и меѓуградски превоз според условите утврдени со закон од вршителите на соодветните дејности.
Ангела Бошкоска