Студентите сместени во „третата“ зграда – единствената од трите згради во студентскиот дом „Стив Наумов“ која во моментов е во функција, добиле задолжение да се иселат од домот најдоцна до 24 јуни, и покрај тоа што, согласно договорите што ги имаат потпишано со ДСД „Скопје“, имаат право да престојуваат таму до 30 јуни, пишува Мета.мк.
Причината за предвременото иселување на студентите е подготовката за градежните зафати за реконструкција на домот, односно на 25 јуни зградата ќе биде предадена на изведувачот на градежните работи.
Од раководството на ДСД „Скопје“, под чија капа е „Стив Наумов“, им соопштиле на студентите да ја напуштат зградата до 24 јуни, согласно добиеното известување од Министерството за образование и наука (МОН).
„По 24.06.2024 година, зградата ќе биде предадена на изведувачот Штрабаг и единствено тие ќе имаат пристап до објектите, што значи дека нема да бидете во можност да ги земете стварите кои евентуално нема да ги подигнете пред горенаведениот рок. Ве молиме да водите сметка дека сте ги земале сите ваши ствари, бидејќи во спротивно Државен студентски дом ‘Скопје’ – Скопје не презема никаква одговорност доколку настане евентуална штета, кражба или губење на стварите“, се вели во соопштението од ДСД „Скопје“.
Студентите што се обратија до редакцијата на Мета.мк велат дека ваквата одлука за нив е неприфатлива и нехумана, затоа што се принудени среде испитна сесија да размислуваат за селење, а нема и каде да престојуваат до 30 јуни. На голем дел од факултетите, јунската испитна сесија трае до 29 јуни.
Мета.мк се обрати до Државниот студентски дом „Скопје“ и до Министерството за образование и наука со прашања за тоа дали при ваквата одлука го зеле превид фактот што студентите ќе треба да се селат среде сесија.
До ДСД Скопје поставивме прашање и дали на каков било начин застанале во одбрана на своите студенти и дали ќе побараат одложување на стартот на градежните работи за неколку денови, со оглед на тоа што реновирањето на „Стив“ се одложува повеќе од една година, но до моментот на објавување на сторијата, не добивме одговор од управата на домот и од директорот Виктор Велевски.
Од Министерството за образование, пак, смируваат дека студентите кои имаат потреба од престој до 30 јуни, ќе бидат преместени во други објекти каде во моментов нема градежни зафати.
Во студентскиот дом „Стив Наумов“ во функција се и новите бараки, каде што се сместени околу 130 студенти.
„Министерството за образование и наука најави дека во првата половина на 2024 година ќе започне етапната реконструкција на државните студентски домови во државата и согласно потпишаниот договор со изведувачот на градежните работи, роковите се испочитувани. Во тек се подготвителни активности во студентските домови Кузман Јосифовски- Питу, кој е целосно затворен уште од минатата година и во Стив Наумов, каде заклучно со овој месец ќе функционираат дел од објектите кои и досега беа на располагање, по што и тие целосно ќе бидат затворени заради градежните работи. Дотогаш, односно до 25 јуни студентите можат да ги користат доделените соби, а во комуникација со раководството на домовите, оние студенти кои и натаму ќе имаат потреба, ќе бидат преместени во други објекти каде во моментов нема градежни зафати“, стои во одговорот од МОН.
МОН: Започна реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“
Реконструкцијата на државните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ требаше да поче во првата половина на 2023 година. По одложувањето, од МОН најавија дека ќе започне по новогодишните празници и ќе трае 18 месеци. Студентскиот „Кузман Јосифовски – Питу“, како што соопшти МОН, почна да се реновира дури на почетокот на мај оваа година.
„Предвидена е промена на водоводната инсталација отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби“ кажаа од ресорното министерство по повод почнување со градежните работи.
Реновирањето на овие два студентски дома е дел од првата фаза на Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија. Договорот е вреден 17 милиони евра.
На 29 декември, денот кога беше потпишан договорот за отпочнување на првата фаза на проектот, ресорниот министер Јетон Шаќири изјави дека со Проектот се опфатени сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид и се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
„Во втората фаза е предвидена реконструкција на студентските домови ‘Томе Стефановски-Сениќ’ во Скопје, ‘Никола Карев’ во Охрид, ‘Браќа Миладиновци’ во Штип и студентскиот дом ‘Народен херој Орде Чопела’ во Прилеп. Во третата фаза ќе се реконструираат студентските домови ‘Кочо Рацин’ во Битола и ‘Пелагонија’ во Скопје како и мензата на студентскиот дом ‘Гоце Делчев’ во Скопје“, соопшти МОН.