Студентите организираат Отворен пленум и чекаат одговор од Сенатот за резултатите од референдумот

По точно една недела, се уште нема став од Сенатот на УКИМ за резултатите од студентскиот референдум, односно за 2615-те (од излезените 2.767) студенти кои гласаа за промени во студентското организирање.

Од Студентски пленум денеска од 18 часот на Филозофски факултет при УКИМ иницира Отворен пленум, на кој ги повикува сите студенти, колеги и поддржувачи. Сметаат дека Сенатот на УКИМ треба да го следи мислењето на студентите. Истовремено, потенцираат дека бројноста на студентите роди нова искра за квалитетно студентско организирање, кое ќе работи за потребите на студентпот и подобрување на неговиот стандард.

„По успешниот студентски референдум на 5 октомври сметавме дека треба да разговараме со оние студенти кои излегоа и го кажаа својот став. Голем дел од студентите го кажаа своето НЕ за СПУКМ како невладина, па од таму и најавата за отворен пленум. На овој пленум ќе се дискутира на разни теми, меѓу кои и дефинирањето на следните чекори во однос на ваквиот СПУКМ. Ние се надеваме дека вечерва ќе имаме студенти кои сакаат новниот глас да биде чуен, па затоа и уште еднаш ги повикуваме да ни се придружат. #ПоздравПленумци“, велат од Студентски пленум.

По минатонеделниот референдум, професорката и сенаторка Маја Стевановиќ за Радио МОФ објасни дека седници на Сенатот вообичаено се одржуваат на крајот од месецот. Претходнот месец, рече таа, воопшто не се разгледувале предлозите од формираната Комисија (Пленум, СПУКМ, професори).

„Таа комисијата имаше два предлога  – СПУКМ да остане, или да не остане како организациона единица во УКИМ. Тие не беа ставени како точка на дневен ред. Одговорот беше дека: ‘Сите предлози, сето она што предвидува измени на Статутот, треба прво да мине низ статуратно-правна Комисија, а потоа и на Ректорската управа – кај деканите. На крајот е Сенатот’. Тоа е целата процедура“, објасни Стевановиќ, потенцирајќи дека најубав податок од референдумот е тоа што имаше само 100-150 гласови за СПУКМ да остане ваков каков што е сега, па смета дека телата на УКИМ не траба да ги игнорираат ваквите резултати.

Б.Ш.