Студентите со 3+ го оценија животот во студентски дом

Со „добар 3“ студентите го оценија квалитетот на живот во студентски дом, покажа истрaжувањето на животниот стандард во студентски домови: „Пелагонија“ во Скопје, „Кочо Рацин“ во Битола и „Браќа Миладиновци“во Штип што го направи Младинскиот образовен форум во текот на 2020 година.

Како што истакна програмскиот координатор во МОФ, Петар Барлаковски истражувањето опфати испитаници од трите студентски домови , а истражувачкиот тим ги анализираше и документите по кои работат домовите што беа предмет на истражувањето.

„Во однос на квалитетот на живот во студентските домови, оценката се движи од 3 до 3,5 на скалата од 1-5. Односно, 3,63 во „Браќа Миладиновци“-Штип, 3,62 во Кочо Рацин-Битола, до 3,02 во ДСД „Пелагонија“- Скопје. Интересно е да се напомене дека главно за студентите, како најголеми проблеми во текот на нивниот престој во студентски дом, се лошите услови за живот во домот, недостигот на средства и простории за учење, како и недостигот на спортски и културни активности“, рече Барлаковски.

Сепак, тој забележа дека е интересно што и самите студенти посочиле дека се недоволно активни кога се работи за реагирање за проблемите, но укажа дека дел од вината има и во незаинтересираноста кај раководствата на домовите, каде посебно беше издвоен домот „Пелагонија“. Истражувањето за трите студентски домови покажа дека мнозинството од станарите никогаш не биле вклучени во носење одлуки, немаат верба дека можат да променат нешто и кога би соработувале со раководствата на домовите, а дел од нив велат дека немаат доволно време или пак воопшто не се информирани за процесите на студентско учество.

„Оттука, 69% од станарите во „Кочо Рацин“ во Штип, 91% од станарите во „Браќа Миладиновци“ во Битола, 96% „Пелагонија“ во Скопје никогаш не се вклучиле во носење одлука во рамки на домот“, забележа Барлаковски.

Во делот на истражувањето пак посветен на корупција во домовите, се забележува дека над 30% од испитаниците имале искуство со корупција или искуство од „втора рака“, но најголем број од испитаниците споделиле дека не би пријавиле ако сведочат корупција.

„За жал, скоро сите учесници во теренското истражување, за барем една од коруптивните појави наведени во прашалникот, изјавија дека не би пријавиле кај надлежните, пто е загрижувачко. Но , уште позагрижувачка е информираноста на студентите за тоа каде и како би пријавиле корупција. Ние при анализата на самите податоци увидовме дека дури и да знаат студентите дека се случува корупција како непотизам, партиско влијание или друга коруптивна појава, немаат информација каде да пријават“, додаде истражувачот.

Истражувањето студентите не пријавуваат корупција поради уверувањето дека „ништо нема да се промени“, а не поради тоа што се плашат дека ќе имаат некакви притисоци, како губење на леглото или нарушен однос.

Во текот на презентацијата на истражувањето се вклучија и претставници на трите студентски домови.

Соња Карапец, директорката на „Браќа Миладиновци“ го сподели своето искуство со раководењето во домот и укажа дека се трудат да го направат подобро место за живеење и да организираат повеќе активности во рамките на тековното функционирање.

„Не е доволно, но се придвижуваат работите со активности надвор од тоа да се обезбедат само храна и сместување“, истакна Карапец.

Таа додаде дека во рамки на нивниот дом има функционален Совет на станари, па раководството и студентите се во редовна комуникација за проблемите. Раководителката на одделение на студентскиот дом „Пелагонија“ Јулијана Атанасовска пак забележа дека во овој дом, поради актуелната пандемија не е конституиран овој Совет, но укажа дека секој студент има слобода да контактира со надлежните за решавање на сите проблеми. Исто така посочи дека интензивно е работено на реноворање на домот, но со оглед на тоа што се буџетски корисници, финансиите редовно се проблем за исполнување на сите активности.

Директорот на„Кочо Рацин“ – Митко Наковски пак рече ова е корисно истражување што ќе помогне во утврдувањето на насоката за понатамошната работа на домовите.

Како препораки од истражувањето за подобрување на квалитетот на живот е дека е неопходно подобрување на инфраструктурните услови во домовите и функционалноста на внатрешните простори, зголемување на буџетот за работа на домовите и поддршка на финансиска самоодржливост, поголема транспарентност во работата, но и градење капацитетите на станарите и нивно ефективно вклучување во работата на домот.

Ова истражување беше направено како дел од проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ спроведуван од МОФ, МКЦ – Битола, МЕЛЕЕМ и ЛЕГАЛ Тинк, а финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.

J.J.