Ценовникот на новиот јавен градски превоз во Тетово ги разлути студентите. Тие се револтирани што ќе треба да плаќаат поскапи месечни автобуски карти од вработените во Општината.
Според Ценовникот, месечната студентска карта изнесува 600 денари, додека за тетовската администрација чини 450 денари. Ова за Нермине Хамиди, претседателка на Албанскиот студентски сојуз е неприфатливо, бидејќи како што посочи, сумата не е прилагодена на џебот на студентите.
Таа истакна дека студентите се категорија со мали примања, со оглед дека мал дел од нив работат и земаат стипендија. Според неа, судентите ионака веќе имаат голем број трошоци, од плаќање семестар, литература, па до лични потреби.
„Да се стави толку висока цена на јавниот превоз, 600 денари месечно или 6000 денари годишно, мислам дека е неприфатливо. Не сме категорија што треба да ни биде потешко, туку да има некоја полесна варијанта или подостапна“, вели таа за Радио МОФ.
„Од една страна имаме луѓе што работат, што се администрација и за нив цената е помала, иако земаат плата. Од друга, имаме категорија како студенти коишто немаат воопшто плата, многу малку добиваат стипендии и поддршка за време на студиите“, додава Хамиди.
За да стигнат до својот факултет, студентите во Тетово досега користеле такси или комбе во отсуство на јавен превоз.
Пред една недела, Општина Тетово ги претстави петте автобуси кои ќе вршат јавен превоз по три градски линии, иако се уште не се знае кога ќе бидеат во функција. Радио МОФ испрати прашања до Општината, но до објавување на текстот не добивме одговор.
Тетово за првпат добива јавен превоз – „Тетово транспорт” ќе вози по три линии
Хамиди и Сојузот предлагаат јавниот превоз во Тетово да биде бесплатен за студентите на додиплломски студии, или пак, ако мора да се плаќа, да биде по симболична цена.
Тие и претходно го дискутирале овој проблем. Уште минатата година барале до надлежните миинстерства со индекс или студентска картичка да се обезбеди бесплатен пристап за студентите во библиотеките, јавниот превоз, продавници за книги или пак попусти за културно-забавен живот. Сега, најави таа, истото барање ќе го достават и до Општина Тетово.
Емилија Петреска