„Да му се врати на градот едно место каде што може за многу кратко време, 20 минути, веднаш да се ужива на вода, затоа што на Скопје му недостасуваат плажи, водени површини, и тоа е една од главните причини, нешто што е на самиот раб, тука е, но, сепак не е во центарот на градот“.
Ова е една од целите во трудот на архитектката Ангела Стефановска, која неодамна магистрираше, кој се однесува на оживување на просторот кај Езерото Треска.
За местото, вели дека инспирација и биле носталгичните и сентиментални сеќавања на постарите скопјани, кои летните денови, ги поминувале баш на тоа место.
„Без разлика дека не е во функција просторот, и дека е во стварно лоша состојба, сѐ уште е посетувано од туристи, луѓе сѐ уште го посетуваат, има и капачи иако е тоа строго забрането. Сѐ уште се почитува и штета дека во таква функција и толку деградиран систем, луѓето се уште функционираат, и сметаат дека е убаво за да го посетат. Што би било доколку би било целосно средено и убаво?“, изјави Стефановска за Радио МОФ.
Со проектот, целта е и да ја задржи спортско-рекреативната намена, а исто така предлага и нови објекти околу брегот на самото езеро.
„Заздравувањето“ на локацијата, како што стои во објаснувањето на нејзиниот магистерски труд, би се остварило со изградба на нова пречистителна станица, нов инфраструктурен систем во пошироката околина, со што фекалиите од околните населени места нема да завршуваат во реката Треска, како и остранување на постоечките објекти со што би се развило целосно ново концептуално предлог решение.
Предлог-решението е целина од три слоја – мрежа патеки, пејсажно планирање и архитектоснки објекти.
„Мрежата на патеки е поделена на три таректории: пешачко-колска главна патека со плоштадски проширувања и режимско користење на возила за дотур на роба и оддржување, како и до кампот, пешачко – велосипедска патека – ‘обиколница’ истакната со розев порозен асфалт која поминува над езерото и споредни патеки за пешаци за приклучување кон конкретните соржини“, се вели во предлог-решението.
Пејсажното уредување се однесува на зелени острови кои би се обликувале од самата мрежа на патеки, додека архитектонските објекти три покривни конструкции кои би биле изградени од материјали како дрво, челик и стакло.
„Сегмент Амеба кој во својата програма вклучува олимписки базен, надворешен базен, спортски игралишта тенис и мини фудбал и затворен спортски центар (јога и теретана). Сегмент Триангл со угостителско-комерцијална (ресторан, изнајмување на опрема за пливање со гардероби, бар) и едукативна содржина (библиотека). Сегмент Циркуло за водени спортови на брзи води (кану клуб) и бавни води (кајак клуб за веслање)“, стои во предлог-решението, во кое се објаснуваат архитектонските објекти.
Стефановска вели дека проектот засега е објавен само на порталот „МАРХ“, а напомена дека би го проследила до Градот и до Општина Сарај.
„Би требало да се види, да се доработи можеби некој сегмент, така некој што во правењето не сум постигнала. Проектот целосно може да функционира и е доста изводлив“, изјави Стефановска.
За моменталната состојба, младата архитектка вели дека, сега бетонскиот базен е претворен во мочуриште, а луѓе сѐ уште се капат таму и го користат и покрај тоа што водата има највисок степен на бактериолошка контаминација и од него не смее ни да се наводнува.
Дополнително, објаснува дека објектите се целосно руинирани и во фазата во која ги видела се неповратни, а реставрација и реконструкција не оди во прилог.
„Мислам дека треба нешто поавангардно, поинтересно, затоа што изгледот и архитектурата може да влијаат директно на тоа туристите да доаѓаат. Затоа што колку е поинтересно е посензација и за посетители, би имало поголем ефект“, објаснува Стефановска.
Владата пред некој месец отвори можност општина Сарај да започне постапката за изградба на спортско-рекреативен центар во близина на селото Глумово за развој на еко-туризам. Тој би го опфатил и езерото Треска, вклучително викенд населба и хотелски комплекс. Стефановска коментира дека тоа најверојатно би се дало на приватен инвеститор, што само по себе не е спорно, но смета дека таков следен проект би му натежнал на просторот.
„Имаат намери, секоја година Владата ветува многу различни работи, така да не е нешто ново дека таму ќе се прави нешто – дали луна парк, аква центар, или хотел. Секоја година се споменува нешто, меѓутоа никогаш не се остварува. Го имав тоа и проследено низ анализа. Мислам дека би се направило нешто со цел да се поттикне потуристички и економски, но, повеќе би се одело на профитирање, а не да се зачува животната средина и околината“, смета таа.
Коментарите во однос на трудот, вели таа, биле многу позитивни во однос на деталната разработка, урбанистичкиот аспект, како и еколошкиот аспект, поради лесните материјали, како челичната конструкција.
„Главен коментар и многу важен дека не му се наметнува на просторот со гломазност, монументалност, повеќекатници, туку баш онака лесни волумени, каде што нема да му натежнат понатаму на просторот. Менторот исто така беше задоволен, од целата работа“, вели Стефановска.
Мартин Колоски