Со споделување на нивните стории за сексуални напади и злоупотреба на мобилната апликација Снепчет, студентките на Универзитетот во Бристол во Велика Британија, се обидуваат да ја подигнат јавната свест на оваа тема.
Предводени од 23-годишната Хана Прајс, која е интернет уредник на студентското списание „Епиграм“, видеата имаат цел да покажат колку овој проблем е широко распространет.
Користејќи ја препознатливоста на Снепчет, девојките ги раскажуваат ужасните приказни, со кои многу жени можат да се идентификуваат.
„Живеев во Бристол пет години и додека бев студентка таму бев три пати силувана и сексуално нападната многу пати. Секој пат кога ќе се случеше, тоа беше со некој што го познавав, што ми се допаѓаше или што го сакав и го гледав цело време“, раскажува една од девојките во видеото.
„Во прва година одев со пијан пријател дома по едно ноќно излегување. Одбив да се случи било што, но тој рече, „не е силување, ти го сакаш ова“, сведочи друга девојка.
Некои од нив ги споделуваат своите приказни анонимно, користејќи анимации за да го сокријат своето лице, некои, пак, го откриваат својот идентитет.
„Тоа става светло на сексуалната злоупотреба, сексуалното малтретирање и сексизам кој се случува под површината на универзитетскиот живот, низ цела земја“, објаснува Прајс.
Идејата да се користи Снепчет дошла од надежта дека жените ќе се чувствуваат покомотно користејќи некоја од препознатливите социјални мрежи.
Прајс, која апсолвент на студии по математика, исто така сакала да им даде на жртвите глас и да ги направи да се чувствуваат повеќе од проста статистика.
„Сексуалните напади се многу важна тема, истовремено и многу честа. Секогаш кога оваа тема ја дискутираме со пријателките била пресретнувана со – „исто ми се случи и на мене“ или слични коментари“, вели Прајс за Индепендент.
„Но, забележував како тоа стана многу нормално – сите од нас само ги подигавме рамениците. Па сакав да поттикнам дебата пред да се случи сите да престанат да зборуваат за оваа тема“, додава таа.
Одзивот на видеото бил огромен – освен што го презеле многу медиуми, Прајс добила голем број позитивни коментари и од мажи и од жени.
„Само неколку часа од постирање на оригиналната сторија ме контактираше маж кој бил жртва на сексуален напад од универзитетот, кој ми се заблагодари за подигање на гласот на оваа тема“.
Прајс дошла во контакт и со полициските служби, за преку кампањата да најдат начин како да направат студентите поедноставно да пријавуваат случаи на сексуална злоупотреба.
„Најважната работа за мене е да се даде човечки лик на целата тема“, објаснува Прајс.