Студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“, која е прв ваков собир кај нас, ќе се одржи од 16 до 18 мај, под покровителство на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) – Скопје, во соработка со интернационалната студентска организација ИАЕСТЕ Македонија.
Темата на конференцијата – енергетска ефикасност и одржлив развој, е светски актуелно прашање кое не засега сите нас. Имено, во последните децении сите ние сме сведоци на прекумерното користење на ресурсите на планетата, кои доведоа до многубројни проблеми: како глобално затоплување, прекумерното загадување и недостаток на ресурси кои ќе овозможат нормален тек на животот. Областите кои се обработуваат на конференцијата, опфаќаат пронаоѓање на решенија за овие проблеми.
На конференцијата можат да се пријават студенти кои сакаат да изработат и достават труд на некоја од темите на фокус на конференцијата, професори кои се стручно се занимаваат со оваа проблематика и сите компании кои во текот на своето секојдневно работење имплементираат методи кои се базираат на овие принципи.
Рокот за пријавување е до 5 април, а за доставување на трудовите до 30 април 2013.