Расте бројот на студенти кои летото ќе го поминат работно надвор од Македонија. Повеќе од 2000 студенти годишно заминуваат во Соединетите Американски Држави. Бројот на студенти кои се пријавени за работа во Грција, Германија и неколку други европски држави е многу помал.
Оние кои заминуваат преку програмите „Work and Travel“ мора да имаат статус на редовен студент, но и добро познавање на странски јазик, главно англискиот. Тоше Стојмировски, веќе трето лето по ред заминува на работа во странство. Ја посетил и Америка и Германија. Вели дека добро е да се прошета надвор, но оние кои заминуваат мора да сватат дека ваквите програми значат и многу работа.
Студентите коишто одат на работа во странство, главно работат како келнери, продавачи на сувенири, во кујните на големите ресторани или пак ги чистат хотелските соби. Од агенциите за посредување посочуваат дека студентите главно заминуваат за да заработат. Меѓутоа, велат од Коузон, студентските плати се ниски, а целта на програмите е да им се даде можност на студентите да го видат светот. Сепак многумина од тие што заминуваат бараат и втора работа.
Ако сакате да заработите, а не само да шетате, вели Тоше Стојмировски подобро е да се избере Германија.
Од Македонија годишно заминуваат повеќе од 2500 до 3000 студенти преку различни програми и агенции. Тоа се 7 проценти од студентската популација, посочуваат од агенциите што посредуваат при вработување во странство.
Добринка Темелкова