Најмалку 44 лица се повредени, а повеќе од 100 се уапсени во насилството кое избувна на една студентска улична забава во близина на Санта Барбара, во американската сојузна држава Калифорнија.
На забавата под името „Делтопија“, која е одржана по повод пролетниот студентски распуст, во местото Исла Виста, во близина на Санта Барбара, биле собрани околу 15.000 луѓе, пренесе МИА.
Судирот започнал кога еден припадник на полицијата бил погоден в глава со ранец полн со шишиња алкохол. Кога неговите колеги тргнале да интервенираат, толпата започнала да фрла кон нив со камења, тули и шишиња, а биле запалени и полициски возила.
Полицијата употребила солзавец и водени топови, но ситуацијата била ставена под контрола дури по неколку часа. Во немирите се повредени и петмина полицајци.