Десеттото издание на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ (СКЕЕОР) ќе се одржува од 26 до 29 октомври во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.
„Главниот фокус се научните трудови изработени од страна на домашни и странски студенти чија специјалност е енергетиката, енергетската ефикасност и одржливиот развој. Покрај презентацијата на научните трудови, ќе се одржат и пленарни предавања чии етаблирани предавачи ќе бидат професори, истражувачи и останати експерти од областите во фокус“, информираат од одборот СКЕЕОР што ја организира конференцијата.
Дополнително, додаваат оттаму, конференцијата ќе им овозможи на заинтересираните средношколци да ги посетат лабораториите на Факултетот и преку практичен предизвик да ја осознаат инженерската дејност.
„Од особено значење е што токму јубилејното десетто издание на СКЕЕОР ќе се одвива во 2022 година – Европската година на младите – потврдувајќи ја важноста на вклучувањето на амбициозните млади лица во модерните предизвици како што се енергетската ефикасност и одржливиот развој“, пишува во најавата за настанот.
Како што велат од СКЕЕОР, конференцијата ќе го поврзе академскиот со бизнис секторот преку запознавање на учесниците со работата на најзначајните фирми и претпријатија од засегнатите области.
„Ентузијазмот на студентите преточен во реализирана идеја и далекугледоста да се согледаат идните предизвици преточена во повик за жнеење на свежи идеи за акција се она што го донесе СКЕЕОР таму каде што е денес. Прославуваме 10 години постоење со повеќе од 1500 учесници, изработени и презентирани 293 студентски трудови, повеќе од 50 презентации на македонски компании од областа на инженерството и енергетиката, многу плодни дискусии, дружење и бесценети искуства“, вели професорката на ФЕИТ, д-р Лихнида Стојановска Георгиевска.
Сите дополнителни прашања во врска со конференцијата може да се проследат на е-адресата: skeeor@feit.ukim.edu.mk.