Студентски „Етно клуб“ – место за дружба, работилници и предавања во паркот пред ПМФ

Во паркот пред долната зграда на Природно-математичкиот факултет (ПМФ), во близина на Ботаничката градина, помеѓу зеленило и верверички, утре ќе биде отворен студентски „Етно клуб“, замислен како место за дружба, работилници и предавања. 

Етно клубот е реализиран со донации од поединци, како резултат на долгогодишна потреба и желба за ваков простор и од студентите и од вработените.

Професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија, споделува дека уште од нејзините студентски денови на ПМФ немало простор за неформално дружење на студентите и вработените, па ситуацијата е таква што најчесто студентите од различните катедри не се познаваат меѓусебе.

Дополнително, вели таа, состојбата е влошена и од пандемијата, па со отворањето на Етно клубот, очекува да се надомести времето за социјализација изгубено поради карантинот.

„Факултетот не е само образовна и научно-истражувачка институција. Тоа е место каде што се одвива живот, а за студентите тоа се нивните најдобри години, кога е најважно тие да комуницираат и меѓусебно да се дружат. Клубот тоа ќе го овозможи, секако со нивно активно учество“, објаснува Јакимовска.

Професорката истакнува дека Етно клубот ќе биде подеднакво отворен и за студентите и за вработените на ПМФ.

„Во него ќе се организираат и промоции, предавања на отворено, работилници и други настани. Имаме набавено и друштвени игри, како бадминтон, пикадо или фризби. Редовниот термин на негово функционирање ќе биде еднаш неделно, но по потреба тоа може да биде и почесто, барем до крајот на летниот семестар“, истакнува Јакимовска.

Таа споделува дека студентите учествувале во организацијата за Етно клубот особено во осмислувањето на самото отворање.

Интересно е дека клубот ќе биде отворен со концерт на студентскиот бенд „The rolling ethnos“, во кој членуваат студенти по етнологија и антропологија, поранешни ученици од средното музичко училиште, како и нивни пријатели – инструменталисти и пејачи.

Бендот за настапот избрал песни во кој се зборува за природата, дрвјата, птиците и љубовта.

Според Јакимовска, отворањето на клубот е своевидна победа на ентузијазмот, бидејќи целата опрема како маси, столици, вреќи за седење, е донирана од поединци, а ниту еден предмет не е добиен од институции.

„Овој пример се надевам ќе го следат и други, наспроти изговорот дека се нема финансии дури и за вакви нискобуџетни зафати. Понекогаш е доволно да се биде оптимист и да се има добри пријатели и колеги за нештата да почнат да се самоостваруваат. Секако е важна и поддршката од раководството на Природно-математичкиот факултет, кое нè поддржа уште во раната фаза на замислата“, вели професорката.

Целиот зафат на собирање на опрема и организирање на отворањето на клубот траело помалку од два месеца, кои биле доста интензивни.

За да се постигне одржливост на клубот и докупување на потребна опрема, на отварањето ќе биде организирана донаторска акција, на која ќе бидат претставени ракотворби, кои ќе бидат достапни со донирање пари во поставените касички.

„Меѓу нив се „амајлии“ за брзо полагање испити, не без учење, во форма на зајчиња исплетени од макрме, разгледници и обележувачи на книги дизајнирани со фотографска техника – цијанотипија, планер во кој секој ден е празник, како и беџови со илустрации направени од Јелизавета Матјушенко, академска сликарка и графичка дизајнерка од Украина, која во моментов е во Македонија со своето семејство. Дел од средствата ќе бидат наменети за авторите“, вели Јакимовска.

Ивана Смилевска