Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) смета дека Министерството за економија треба средствата предвидени за ваучери за домашен туризам за студентите од државните универзитети да ги пренамени за поприоритетни решенија, како енергетска ефикасност на студентските домови и факултетите.
Ставот зад кој со УСС УКИМ стојат и Универзитетските студентски собранија на Универзитетите: „Св. Климент Охридски“, „Св. Апостол Павле“ и Форумот за образовни промени (FECH) беа претставени на денешната прес-конференцијата на УСС УКИМ на општествениот кампус на УКИМ.
„Нашиот став е дека мерката е корисна за студентите за оваа година, но не се предвидува дека студентите во Македонија ќе добиваат ваучери за домашен туризам секоја година. Одлична е идејата студентите да имаат можност да ги посетат знаменитостите во нашата држава во текот на слободните периоди при студирањето, но потоа студентите 9 месеци престојуваат во студентски домови чии услови не се задоволени со Законот за студентски стандард во кој е наведено дека ‘студентски дом е установа која на студентите им обезбедува сместување, исхрана, грижа за здравјето, културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности’“, кажаа денес оттаму.
Студентските организации како долгорочни и приоритетни решенија кои ќе го подигнат студентскиот стандард во текот на студиите кој во текот на годината на студентот опфаќа 9 месеци, ги предлагаат следниве:
- Подигнување на енергетската ефикасност на студентските домови чии режиски трошоци ги плаќа Министерството за образование и наука (МОН), при што заштедата за електрична енергија од поставените соларни панели ќе може понатамошно да се искористи студентскиот дом да може да ги подобри основните услови во домот (топла вода, парно, нова водоводна и електрична инсталација, подобар квалитет на храна);
- Заштедените средства од енергетската ефикасност можат да се искористат и за организирани патувања од страна на Студентските домови за студентите кои престојуваат при што патувањата би довеле до развој на домашниот туризам;
- Енергетска ефикасност на Универзитетите – чии режии исто така ги плаќа МОН. Оваа заштеда може да биде искористена во подобрување на условите за студирање, подобро опремени лаборатории, урбанизирани универзитети, при што овие мерки на долг рок ќе привлечат меѓународни студенти, при што домашниот туризам повторно ќе бележи раст.
„Идејата е наместо да ги дадеме сега парите вака, да ги инвестираме во енергетска ефикасност и со заштедените пари понатаму да се воведе една ваква мерка. Ова е само наш предлог. Сметаме дека студентскиот стандард прво треба да се подигне за основните услови, а потоа за домашниот туризам во државата“, велат од УСС УКИМ.
Министерството за економија мерката за поддршка на домашниот туризам ја реализираше во изминатите четири години, за работниците со ниски приходи. Оттаму, минатата недела информираа дека од следната година мерката ќе биде наменета само за студентите со цел подигање на студентскиот стандард, а за тоа се предвидуваат 64 милиони денари од буџетот (нешто над милион евра).
Критериумот за тоа кои студенти ќе може да аплицираат за ваков ваучер министрите за економија и образование соопштија дека очекуваат да го одредат студентите. За таа цел минатата недела беше организирана средба со претставниците на студентските собранија и организации.
Студентските претставници кажаа дека е добро тоа што надлежните одлучиле да ги вклучат студентите во вториот дел од мерката- за одредување на критериумот и вредноста на ваучерите, но им пречи што не биле контактирани додека таа се креирала.
„Требаше да бидеме првично контактирани и константно да разговараме на темава“, кажаа тие.
Инаку, според првичните проценки на Министерството за економија со мерката ќе бидат опфатени 3 до 4.000 студенти.
Ангела Бошкоска