Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ реагира на зголемените трoшоци за студирање на единиците на овој најголем и најстар универзитет во Македонија.
Студенти веќе се пожалија дека со „усогласувањето“ на давачките на УКИМ, пример, на Филозофски и Филолошки при запишување на зимскиот семестар, покрај партиципацијата, од годинава плаќаат 3.650 денари, што претставува зголемување дури од 2.500 денари. На Економски факултет, пак, Радио МОФ неофицијално дознава дека вкупните трошоци се околу 4.000 денари, а други студенти споменуваат и по 5.000 денари. Тука се парите за ИКСА и заверка на семестар, а сега влегуваат и две нови точки за уплата за „онлајн ресурси“ и „материјални ресурси за студиска програма“.
Од УСС УКИМ велат дека ги разбираат предизвиците со кои се соочува УКИМ со справување со трошоците, меѓутоа, сметаат дека најголемиот дел од овие финансиски трошоци не треба да се пренесат на студентите, туку треба да бидат покриени од Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за финансии, како и од останатите државни фондови.
„Иако Универзитетот е тело поделено на 23 единици од кои сите функционираат и опстојуваат индивидуално, за пофалба е секоја преземена иницијатива што ги обединуваат трошоците на сите студенти. Имено, новововедениот Анекс на ценовниците на секој факултет кој ги унифицира цените на цел УКИМ е одличен пример за како вакви ситуации би требало да се решени. Но, и покрај тоа, новите цени за трошоци поврзани со онлајн и материјални ресурси целосно отстапуваат од оваа логика. Дури и кога ќе се земе предвид фактот што секоја единица функционира на различен начин и располага со различни ресурси за секој студент, сепак потенцијалната ‘цена’ на процесот на дигитализација, за којшто студентите молат со години, не би требало значително да се разликува од факултет до факултет. Најмногу бидејќи се работи за јавен Универзитет во кој сите студенти се еднакви и рамноправни, без разлика на која индивидуална единица одлучиле да студираат. Ваквите постапки ги доживуваме како директен удар врз студентскиот стандард, кој толку макотрпно го градиме и воздигнуваме со години“, стои во реакцијата на УСС УКИМ.
Од студентското собрание нагласуваат дека образованието мора да остане достапно за сите, без оглед на економските предизвици, па меѓу другото, предлагаат намалување на новонаметнатите трошоци со алтернативни начини за финансирање. Предложуваат и Фонд за студенти од ранливи категории кој би овозможил овие студенти да бидат ослободени од дополнителните трошоци, како и електронска база на учебниците и скриптите, подобрени инфраструктурни и хигиенски услови.
Исто така, УСС УКИМ бараат да се унифицираат и дополнителните трошоци на кои се изложени студентите на различни факултети, како и обезбедување на унапреден буџет за факултетските студентски собранија како официјални застапници на студентите пред повисоките органи.
Со реакција за давачките денеска се јави и неформалната организација Студентски отпор. Тие велат дека наместо движење кон бесплатно образование, унапредување на студентскиот стандард, стимулирање на младите за високо образование и просперитет во државата, факултетите при УКИМ од оваа академска година, како гром од ведро небо, вовеле нови трошоци по академска година.
Оттука, Студентски отпор објави и петиција против новите трошоци.
„Недозволиво е досегашните неоправдани високи цени за студирање да се надоградуваат со уште понеразумни трошоци! Наместо да се преиспитаат досегашните давачки и младите да се мотивитаат за високо образование и просперитет во Македонија – надлежните зададоа уште еден удар по и така катастрофалниот студентски стандард. Ве повикуваме масовно да ја потпишете оваа петиција и да го изразиме незадоволството на студентите!“, се вели во реакцијата на Студентски отпор.
Петицијата, дополнуваат од неформалната организација, е апел до надлежните веднаш да ги укинат трошоците.
„На овие неправди, некоректност и изживување со македонскиот студент нема да ви премолчиме. Образованието не смее да биде привилегија само за богатите!“, стои во реакцијата.