„Студентски отпор“ најави протестен марш во четврток – не се задоволни со одлуките од вчерашната средба

„Студентски отпор“ најави протестен марш во четврток во 17 часот, на Меѓународниот ден на студентите и посочија дека нема да отстапат додека не се реализираат и останатите нивни барања. Маршот, кој е најавен преку Фејсбук е предвиден да започне од Министерството за образование и наука и да заврши пред Собранието.

Од „Студентски отпор“ велат дека не се задоволни од крајниот исход и одлуките кои вчера се донесоа, додавајќи дека единственото барање кое се прифатило е повлекување на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк. На средбата помеѓу пратениците, Министерството за образование и наука и претставници на универзитетските и факултетските собранија, вчера се донесе одлука студентскиот субвенциониран оброк да продолжи да функционира по старите критериуми.

Студентскиот субвенциониран оброк ќе продолжи да функционира по старите критериуми

 

„Ние како студенти остануваме на нашите барања издвојување на средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите, издвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на ‘студентски градови’ и стоп за најавената приватизација на студентските домови, издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја“, велат од „Студентски отпор“.

Истовремено, оттаму ги повикаа сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да им се придружат.

„Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и за подобар студентски стандард. Отпорот продолжува“, порачаа од „Студентски отпор“.

Инаку, вчера пред Собранието „Студентски отпор“ организираше протест откако беа најавени измени на предлог-законот за субвенциониран студентски оброк. Од пред законодавниот дом побараа „да ги заменат оброците“ и оставија чинии со парче леб и зденка.

[Фото] „Ајде да ги замениме оброците“ – студентите им оставија лепче и зденка на пратениците