„Студентски пленум“ го поддржува протестот против измените на законот за придонеси кој е најавен за понеделник, соопштија од движењето на нивната Фејсбук страна.
„Измените на законот за придонеси на Владата на Република Македонија го засегаат и македонскиот студент (и пошироко, секој оној кој е во некаков работен однос во Македонија). Со менување на законот за придонеси, голем број на студенти ќе бидат на удар и маката на тие студенти коишто работат на договор на дело или добиваат некакви си симболични хонорари ќе се зголеми. Во услови на голема невработеност и тешко доаѓање до работа и хонорар и со оглед на крајно лошата социјална положба на многу студенти, овие измени ќе ги докусурат студентите со дополнителни плаќања кон државата“, велат од „Студентски пленум“.
Студентите најавија дека ќе бидат на улиците, како хонорарци, идни хонорарци, како вработени и совесни граѓани.
Повеќе организации и синдикати најавија протест кој ќе се одржи во понеделник во 12 часот во Жена Парк против законските измени за плаќање придонеси за хонорарите. Според организациите, намерата на Владата да воведе плаќање придонеси за хонорарите од 1 јануари 2015 година ќе доведе до зголемување на сиромаштијата и до зголемување на невработеноста.
Тие бараат да се стопира примената на измените на законите со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување; преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување, како и да се покачи или целосно да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.