Студентски пленум преку својата Фејсбук страница го поддржа протестот против пресудата затвор за новинарот Томислав Кежаровски, закажан за во вторник во 12 часот пред судот. Според нив, во држава што ги затвора новинарите не може да се очекува слободни и непристрасни медиуми и медиуми што ќе известуваат за студентски марш. Воедно, ги повикаа сите граѓани да заземат страна.
„Неутралноста му помага на угнетувачот, никогаш на угнетуваниот. Молкот го охрабрува мачителот, никогаш мачениот“, се вели во објавата.
Претходно, Професорски пленум упати поддршка до Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и побара Кежаровски да биде пуштен на слобода.
„Заробувањето на новинарот Кежаровски значи заробување на вистината, слободата на говорот, а со тоа и слободата на право на различно мислење. Водењето на судската постапка и итното приведување на Кежаровски е јасна порака за неговите колеги новинари, но и за секој од нас кој се осмелува гласно да проговори. Не сакаме да бидеме неми сведоци на кршењето на демократските слободи, диригирано судство и беспредметни казни, во држава каде од новинарите се бара да се претворат во илузионисти“, велат од Професорски пленум.
За пресудата против новинарот вчера и денеска беа упатени остри критики и револт од повеќе домашни и странски здруженија и организации откако Кежаровски беше експресно спроведен во петокот вечерта во затворот во Шутка.
Новинарот е осуден во случајот „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години под обвинение дека открил идентитет на заштитен сведок. Иако, Кежаровски тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот.