Откако пред два дена, студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип изразија поддршка за своите колеги во Скопје и Битола и незадоволство од воведувањето на новите законски реформи во високото образование, се формираше Студентски пленум и на УГД.
На објавата од новосоздадената страница на Фејсбук пишува дека Студентскиот пленум при УГД е организација од и за студентите, која ќе ги претставува студентските идеи.
„Студентскиот пленум при УГД е организација од студентите за студентите, ги претставува нивните интереси, проблеми и е алтернатива на постојните студентски организации кои очајно си ја вршат работата.
Пленумот функционира како демократско тело на гласовите на студентите кои до сега немале каде реално да ги адресираат своите идеи, па овој вид на организација е замислен еднакво да ги претставува сите.
Пленумот изразува солидарност со колегите од Пленумите во Скопје и Битола и најавува соработка кон остварување на заедничките цели – подобро високо образование за сите!“, се вели во објавата.
Штипските студенти претходно кажаа дека чувствуваат страв гласно да го кажат тоа што не им се допаѓа бидејќи можат да имаат проблеми кај одредени професори на факултет или да паднат на испит.
Во меѓувреме, студентите на автономните зони на Филозофски/Филолошкиот факултет, Машински и Феит во Скопје, а од денеска и на Техничкиот факултет во Битола, продолжуваат со своите активности од програмите.