Студентски Пленум соопшти дека од 17 часот ќе биде поставен штанд на ул. Македонија кај спомен куќата на Мајка Тереза за собирање донации за семејствата кои вчера беа погодени од силното невреме во Тетово и околината.
Потребни се: вода, облека, конзервирана храна и лекови.
„Ги повикуваме сите колеги, доброволци и граѓани кои сакаат да помогнат во собирањето и преносот до Општина Тетово да бидат во 17 часот таму“, велат од Студентскиот пленум.
Унијата на студенти Албанци, исто така на Фејсбук објави дека е поставен штанд за собирање донации за настраданите во Тетово, во скопската чаршија во близина на Сули ан пред Мурат – пашината џамија.
Од Владата денеска соопштија дека семејствата чии имоти се оштетени во невремето ќе добијат првична еднократна помош од 500 евра откако ќе се направи проценка на штетите.
Најмалку пет лица загинаа во вчерашното невреме во тетовскиот регион и двајца се водат за исчезнати по кои се уште се трага. Најмалку 20 луѓе се повредени а дел од нив се задржани на тетовските клиники.