Студенти од студентскиот дом „Кузман Јосифоски-Питу“ се жалат дека во домот нема парно греење веќе подолг период, информираат од „Студентски Пленум“.
Тие ги повикаа сите релевантни институции веднаш да се зафатат со решавање на овој проблем, бидејќи таму седат нивните деца, иднината и интелигенцијата на оваа држава.
„Утре и задутре се очекува вечерните температури да достигнат и до -16 степени. Ова не е само студентски проблем, ова е пропаст на основните вредности на нашето општество. Кога надлежните би се ставиле во кожата на студентите во студентските домови, би им проработила ли совеста?“, реагираат од пленумот.
Радио МОФ се обиде да стапи во контакт со Државниот студентски центар за жалбите на студентите за ситуацијата со парното греење во студентските домови, но оттаму не одговораат на нашите повици.