Поминаа две години откако студентите ја започнаа борбата против воведувањето на државен испит, но и за подобар студентски стандард. Од Студентски пленум велат дека ја поздравуваат одлуката за укинување на екстерното тестирање во основните и средните училишта, уважувајќи ги ставовите на средношколците, наставниците, родителите и бројни експерти. Сепак, нагласуваат дека студентското прашање е далеку од решено.
„Првиот чекор за решавање на проблемите во високото образование претставува започнување на инклузивен дијалог за создавање на нов Закон за високо образование, кој ќе создаде квалитетен образовен процес, ќе го унапреди статусот на студентите и ќе ја гарантира автономијата на универзитетите.
За крај, сакаме да ја потсетиме јавноста и новата влада дека Студентскиот пленум не се формираше за да ја руши претходната, туку да ја критикува секоја власт која носи лоши и неквалитетни реформи во областа на образованието. Затоа бидете уверени дека ќе се кренеме против новата влада доколку носи одлуки низ нетранспарентен процес и кои се лоши за студентите и понатамошниот развој на образованието во Република Македонија.
Студентите се будни!
#ПоздравПленумци“, велат од Студентскиот пленум.