Студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје доби нова в.д. директорка, информираше за агенцијата Мета.мк Јане Кицев, претседател на Советот на станари во овој дом.
За привремена директорка на „Пелагонија“ е поставена Адриана Даци, вработена во студентскиот дом.
Кицев информираше дека веќе почнало решавањето на најитните предизвици со кои се соочуваа тамошните станари – немањето топла вода, квалитетот на храната и нефункционирањето на лифтовите.
„Очекуваме, прво и основно, да ги надминеме основните проблеми како што се топлата вода, лифтовите, храната, а за сè останато ќе продолжиме да вршиме притисок и тие проблеми да бидат решени што побрзо“, вели Кицев.
Мета.мк претходнава недела објави за катастрофалните услови во кои живеат студентите во јавно-приватниот студентски дом „Пелагонија“.
Голем број станари се жалеа дека воопшто немаат топла вода, не функционираше речиси ниту еден лифт во зградите, а поплаки имаше и за квалитетот на храната, во која студентите во неколку наврати изминативе недели неоѓале и инсекти.
„Пелагонија“ речиси еден месец функционираше без директор, откако последниот си дал оставка во октомври, а нов вршител на должноста не беше назначен. Поради ова, немаше кој да стави потпис на одлуките и да ги „повлече конците“ за решавање на студентските маки.